Слободанка Пендовска – Боте

Ботка е родена 15.04.1945 во Скопје – Тасино Чешмиче – крајот на II-ра Светска Војна. Затоа и името Слободанка кое асоцира на Слобода, но и на други случувања во семејството. Нејзиниот татко – Панче, по потекло од Велес, бил заробен за време на војната и депортиран во Концентрационен логор во Германија од каде избегал и пеш се вратил во Македонија (уште во тоа време во нашето семејство постоел афинитет кон долги и истрајни пешачки тури).

Основно училиште завршува во Кочо Рацин, додека средно во Никола Карев. Своето образование го продолжува на Филолошки факултет – отсек Југословенска книжевност, каде откако стигнува до Апсолвент, хормоните малце си поигруваат, и не го завршува истиот. Љубовта е сепак најважна во животот и ние целосно сме согласни J

СПОРТ И РАБОТА..

Од млади денови се занимава со спорт, посебно со Атлетика каде постигнува забележителни резултати – особено во дисциплината спринт на 400 метри каде има освоено и по некој медал. Во тоа време атлетиката е популарна во Скопје и се вежба на градски стадион – за жал денеска има по некој на кеј и тоа е тоа.

Ботка, целиот свој работен век го поминува во Градски Кина – Скопје на разни позиции од понизок и повисок ранг, ама тоа во тоа време и не беше толку важно бидејќи сите му се радуваа на животот а не на парите. Одењето во кино сепак беше настан од културен ранг, се одеше во одело и хаљина и не се грицкаа пуканки, туку за време на паузата – т.н. Журнал, времето се користеше за своевиден нетворкинг на културната класа или на важен муабет во фоајето на кино Вардар, опкружени со великаните на Македонската глума. За важни премиери, тешко се доаѓаше до билети, и затоа Ботка се грижеше билетите да стигнат во прави раце, а не кај т.н. Тапкароши. Ееехххх времиња. Откако нашето општество ги измести социјалните вредности во насока на консумеризам и гола трка по пари, пропаднаа голем број на културолошки наследства и настани, меѓу кои и Градски Кина – Скопје. Денес одењето во кино е како одење на шопинг, па затоа и кината се во моловите :)

ПЛАНИНАТА..

Ботка, поголемиот дел од својот живот го посветува на нејзиното височество – планината. И фала богу, во Македонија ги има и повеќе од доволно. Вистинските планински авантури започнуваат со зачленување во ПСК Бистра, кое е едно од најактивните планинарски друштва во тоа време. Секој викенд и празник има и по неколку сериозни планинарски тури, се организираат сериозни состаноци на органите на друштвото, во бараките на МВР, жустри и полемични расправи се водат околу тоа кој врв треба да се освои – и во центарот на настаните, долгогодишниот претседател Живко кој е еден од поискусните планинари во Македонија. Ботка редовно даваше свој придонес во ПСК Бистра со дежурства во Планинарскиот дом на Водно, каде секој викенд се подготвуваше чајче и гравче, но за жал оваа година (2021), ПСК Бистра ја губи децениската концесија над домот – Х2О со среќа, одблиску ќе внимаваме на вашите активности за да не заборавите една работа: домот е на планинарите :)

Во својата долгогодишна планинарска кариера, Ботка ги има изодено скоро сите поважни планинарски тури низ Македонија и Балканот. Некои од нив, како Кораб, Титов Врв, Љуботен, Солунска Глава и по повеќе пати (сепак Солунска е на Буран – тука нема муабет). Често низ разговор, Ботка со задоволство ни раскажува за сите случувања на овие авантури, како во тоа време се снаоѓале со планинарска опрема, како се снаоѓале без GPS опрема и без онлајн сервиси за точна временска прогноза и како уживале во планинарските домови кои за жал повеќе ги нема.

Една случка од овие интересни авантури, која вреди да ја споменеме, и за која често разговараме, и за која веруваме дека има доволно материјал да биде предмет на филмска обработка во вид на документарец, претставува настанот од далечната 1995 година кога 4 искусни планинари се губат на Шар Планина и преживуваат 3 дена (2 ноќи) во услови на ниски температури, невреме и снежна виулица.

03.01.1995 – Планинари се губат на Шар Планина и преживуваат 3 дена (2 ноќи) во услови на ниски температури, невреме и снежна виулица
1 ДЕН – 03.01.1995

Среќна нова 49-та.. уппссс 95-та. За разлика од повеќето кои ги користат слободните денови да се одморат од „лудата ноќ“ и да ги зауздаат последиците од гурманските и хедонистички уживања (а некаде и претерувања), наш приоритет: планинарски да ја започнеме годината. Повеќето планинари тоа традиционално го прават со полесни тури, традиционално на Водно, но ние се одлучивме за малце посериозна тура: Бакардан – Шар Планина. Една од поважните причина за оваа наша одлука се и поволните временски услови: изненадувачки топол бран ја зафаќа нашата држава за време на празниците што резултира со нагло топење на снегот и изненадувачки топли температури за овој период од годината (на некои од познатите ски-центри во Македонија, топлиот бран предизвикува нагло топење на снегот и појава на краткотрајни поплави што претставува несекојдневен феномен).

Тргнуваме рано наутро од Попова Шапка – искусна планинарска екипа, меѓу кои јас, Билјана, Влатко и Живко. Временските услови се одлични, чисто небо и сонце, и невообичаено топло за Јануари. Патеката ни е повеќе од позната: тоа е зимската патека ПД Смрека – Антени – Бакардан – Титов Врв која вкупно изнесува 10 КМ во правец (висинска разлика 900 м), со план да стигнеме до Бакардан (8 КМ во правец). Го искачуваме првиот врв во низата: Антени 2531 МНВ од каде следува релативно лесно движење по сртот на планината со врвовите кои следат: Син Врв 2550 МНВ, Карабунар 2600 МНВ и Бакардан 2700 МНВ.

На врвот Антени ги согледуваме првите знаци за тоа дека следува промена на временските услови. И покрај тоа по кратка дискусија одлучуваме да продолжиме: ГРЕШКА КОЈА ЌЕ ЈА ПАМЕТИМЕ. Ние планинарите имаме посебно име за Шапка (Шар планина), а тоа е: „Луда планина“ и сите знаеме дека кога временските услови се менуваат на Шапка, најдобро место да се биде во тоа време е планинарскиот дом Смрека, покрај печката на дрва и топлото чајче.

Полека но сигурно наближуваме од Син Врв кон Карабунар но временските услови на Шара почнуваат да се влошуваат. Пристигнуваме во подножјето на Бакардан и ни преостанува уште 1 КМ успон кон не дели од врвот. Не застануваме, иако условите постојано се влошуваат, и го качуваме Бакардан. Не се задржуваме долго на врвот и веднаш се упатуваме назад.

Снегчето кое од време на време пропрскуваше се претвори во лапавица. Во рок од 10-тина минути, хоризонтот целосно побеле – како некој буквално да распосла бел килим од снег. Кратко потоа започна интензивна снежна виулица исполнета со снег и силен ветер. Снегот го чувствуваме како ситни боцки на сите незаштитени делови од телото – едноставно бевме целосно изложени на невремето кое полека не заокружуваше. За неколку минути исчезнаа сите маркации и видливоста се намали на само неколку метри – ситуација во која беше невозможно да се ориентираш и да се следи патеката.

Застануваме. Се наоѓаме во подножјето на Бакардан. Се туткаме еден до друг за да се загрееме. Не можеме да продолжиме ниту напред, ниту назад. Сеуште се надеваме дека невремето ќе не одмине и дека ќе добиеме шанса да се вратиме назад. Како што изминува денот, свесни сме дека шансите да се вратиме назад се се помали. Од друга страна ни е сосема јасно дека доколку се обидеме во вакви услови да се спуштиме назад, шансите се прилично големи да пропаднеме во бездна – конфигурацијата на патеката е позната во овој дел каде скоро низ целата должина постојат провалии и бездни. Живко како неформален водич на групата и поискусен планинар целосно губи ориентација каде е патеката – едноставно сме ИЗГУБЕНИ.

Денот полека изминува, и на сите ние е јасно, иако преќутно, дека ноќта ќе мора да ја поминеме на отворено, на ветер и снег и на температури од -10 степени. Живко и Билјана пронаоѓаат мала пукнатина во една карпа каде ја поминуваат ноќта, додека јас и Влатко, завиткани во една кабаница, ја поминуваме ноќта на стоење – нема седење и лежење, бидејќи сонот во вакви ситуации најчесто го означува крајот на филмот.

2 ДЕН – 04.01.1995

Конечно, се разденува. Се наоѓаме во густа магла и видливоста е 1-2 метри. Премрзнати сме во екстремитетите, но под дејство на адреналинот, не чувствуваме болка. Се чувствувам како времето да забавува: разговорите се забавени и сите сцени се надреални. Ми се менува фокусот на перцепцијата: работите кои ми се на дофат изгледаат какао да се 10 метри оддалечени од мене. Охрабрени од фактот дека сме сеуште живи, не облева нова тура на адреналин, и се даваме во потрага по било каква позната маркација, камен, карпа, дрвце, знак, антена.. Живко повторно ја презема иницијативата и не води. Се симнуваме и качуваме по непознат терен во надеж дека е се готово, и по извесен период на оптимизам, наидуваме на сопствените стапки: сме се вртеле во круг. Полека ја губам силата и се чувствувам дека ја забавувам групата. Во еден момент Живко и Влатко се двојат од групата со цел да го извидат теренот, а по неколку минути истото го прави и Билјана. Останав сама и на глас си прозборев: „Боте тоа е тоа!“ Но сите по кратко време безуспешно се враќаат назад и јасно ни е на сите: втора ноќ под ведро небо.

3 ДЕН – 05.01.1995

Трет ден – се разденува. На сите ни е јасно дека овој ден е одлучувачки: живот или „мирен сон“. Временските услови ветуваат: маглата полека се крева и од петици се напрегаме да препознаеме каде сме, иако за тоа е сеуште рано. Видливоста се зголемува но недоволно за да препознаеме дел од рељефот и планинските врвови. Поаѓаме! – Живко овој пат го знае правецот. Не ги осеќам ниту рацете ниту нозете но можам да одам. Присутна сум но надвор од реалноста: мојата свест е надвор од моето тело и немо ги набљудувам сите од висина. На моменти се враќам за да изустам по некој збор или да кажам ДА или НЕ. Маглата се повеќе и повеќе се расчистува и некаде на пладне го здогледуваме врвот Антени и последните столбови од жичарата Церепашина. Спасени сме! Живко не упатува лево од врвот Антени со цел да излеземе на земјениот пат кој води кон Лешница. Повторно се губиме но овој пат држиме правец бидејќи видливоста е добра и по неколкучасовно измачување излегуваме на земјениот пат кој води до ПД Јелак. Пристигнуваме во хотел Попова Шапка каде не поздравуваат припадниците на МВР: „А вие ли сте тие што се изгубиле, ве бараат вашите роднини?“

Пробувам да ги соблечам чевлите но безуспешно: замрзните се како камен. Облекувам пиџами кои ми ги подаде некој од присутните и правец во болница. Како што дојдовме, со сопствен превоз и се враќаме – но овој пат кон клиника. Не чекаат спремни на пластична хирургија но изненадени: „Очекувавме работници кои по грешка ги затвориле во фриго-фрижидер?“

Сите имаме смрзнатини на лицето и екстремитетите (некој повеќе / некој помалку). Јас благодарение на Др. Андреја Мишковски, директор на пластична хирургија во тоа време, ги задржав сите прсти на рацете и нозете освен мал дел од ивиците кои повеќе ги немам. Но со хируршките минимални зафати на прстите влегувам во одбрана планинарска група каде ваквиот тип на повреди е честа појава.

Јас, Ботка, за овој настан не обвинувам никого. Заеднички ги носевме сите одлуки, и сметам дека погрешно ти протолкувавме знаците кои укажуваа на влошување на временските услови. Со планината и природата нема борба: однапред е познат победникот. Останува да се грижиме за неа, да ја чуваме и да уживаме. А искуствата, да ги споделиме :)