Галичник – село во Општина Маврово и Ростуше, во областа Мала Река. Сместено е на падините на планината Бистра, во центарот на регионот Мијачија. Галичник е туристичка знаменитост поради неговата автентична архитектура, богатото културно наследство и восхитувачките пејзажи.
Се наоѓа на падините на планината Бистра, во срцето на регионот на мијачкиот крај, во пределот Мала Река, на 16 километри до Маврово и Мавровско Езеро и 12 километри до ски-центарот „Заре Лазарески“. Најблиска градска населба до селото е градот Гостивар, од кој е оддалечено 45 километри. Се наоѓа на надморска височина од 1270 до 1500 метри и е опкружен со пасишта. Познато е по „Галичката свадба“, традиционална и јавна летна свадба, што се одржува секоја година на селската слава – Петровден. За време на свадбата, се игра „Тешкото“ оро – што го симболизира надминувањето на тешкотиите во животот.
Најстарите сознанија за настанувањето на Галичник датираат од X век и почетокот на XI век. Се смета за едно од најстарите села во мијачкиот предел. Првиот период на селото е карактеризиран со мешање на Влашки семејства со Македонци со словенска култура. Престојувањето на Власите во мијачкиот предел го потврдуваат некои топоними од околината на Галичник, како и презимињата на некои од денешните галички семејства: Куцулоски, Гугулоски, Кипроски. Во XIX век, благодарение на доселувањето, високиот наталитет, но и поволните економски услови за сточарство, Галичник е веќе мал град. Турски патописци зборуваат за Галичник во XVIII и XIX век како битен економски центар, не само за регионот, туку и за империјата. Кон крајот на XIX век, Галичник бил поголем и од Гостивар. Јордан Хаџи Константинов-Џинот во втората половина на XIX век вели дека селото имало 500 куќи. Ако се земе дека во една куќа би живееле во просек 8 луѓе, тогаш бројот на населението би се движел околу 4.000. Галичник во овој период има значително културно влијание во европскиот дел на Османлиското Царство, главно преку своите преродбеници: Партенија Зографски, Ѓорѓија Пулевски, Макарија Фрчкоски, Панајот Гиновски и др. Третиот период во историјата на Галичник е од 1912 до денес. Балканските војни делувале негативно на овчарството, затоа што со грчката окупација било оневозможено зимување на овците во Егејска Македонија. Сепак, оваа дејност, почнала да стагнира уште во XIX век. Сè поголем дел од мажите оделе на печалба, каде се специјализирале во разни занаети.
Лазарополе (во месниот говор како: Лазорополе) – населено село во Општина Маврово и Ростуше, сместено во областа Мијачија.
Настанокот на името Лазарополе се поврзува со легендата која се одржува како предание селаните од Главино Село бегајќи од Турците се сокриле во пештерата Калина Дупка, каде ги издала „луда Калина“ па Турците ги загушиле со чадот од запалениот оган. Само некој Лазар се спасил од пештерата од која излегол од другата страна во полето каде основал ново село. Од неговото име Лазар кој излегол во полето и го основал новото село настанало името Лазарополе. Етимолошкото објаснување на името на селото има свои корени во старословенскиот јазик, во кој поимот лазор означува ‘голем простор, оголен и истребен од шуми’ какво што е впрочем и Лазарополе, па оттаму и на месниот мијачки говор, селото се нарекува и Лазорополе.
Ова село е доста специфично, бидејќи во почетокот на XX век броела над 3.000 жители. Сместено е во областа Мијачија, во јужниот дел на територијата на Општина Маврово и Ростуше, на падините на планината Бистра, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Кичево. Селото е планинско, сместено доста високо на 1.300 метри надморска височина. Селото се наоѓа на високо поле (над 1.300 метри), низ кое поминува Лазарополска Река, кога оттаму се пробива кон долината на Мала Река. Поради стрмниот дел од долината на Мала Река селото е целосно невидливо. Самата местоположба е многу поволна, а на краевите на полето се наоѓаат пештери. Селото се соочувало со недостиг на вода во текот на летниот период, поради слабиот капацитет на чешмите.
Тресонче – село во Општина Маврово и Ростуше, во областа Мала Река. Селото се наоѓа на Тресонечка Река, која извира во близина на селото. До селото Тресонче води асфалтен пат кој се двои од месноста Бошков Мост од регионалниот пат Дебар — Маврово и продолжува по текот на Мала Река. Патот до селото Тресонче се двои од овој пат и освен до него, води и до селата Росоки и Селце. Се наоѓа во срцето на планината Бистра, во западна Македонија, а е распослано по левата и десната страна на Тресонечка Река, која извира во непосредна близина на селото. Оддалечено е 22 километри источно од градот Дебар.
Од северната страна Тресонче е заградено со врвовите Брзовец и Пешкопеја, од исток со Шкрка (Дајдовец) и од југ со ридовите кои почнуваат со Думостол и завршуваат со карпата Соколица. На југ од Тресонче се наоѓа селото Лазарополе.
Климата во долината на Тресонечка Река е континентална, а на високите места планинска, односно алпска, која се одликува со големи врнежи снег.
Росочка Река – река која потекнува од селото Росоки, по кое и го добила своето име. Реката се наоѓа во малореканскиот крај, западна Македонија. Се влева во Тресонечка Река, која подоцна заедно со Гарска Река, ја создаваат Мала Река, збирно име за сите реки од подрачјето на планините Бистра и Стогово, која подоцна се влева во реката Радика (Голема Река). Реката извира од карстен извор на планината Бистра, во месноста Џигерица, источно од врвот Старци (1.710 м). Тече во југоисточна насока и по 6 км се влева во Тресонечка Река како нејзина десна притока.
Извор: Wikipedia
Тура
(во подготовка)
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина:
с. Селце – с. Росоки – Извори на Росочка Река(3 км)
с. Галичник – с. Селце (8 км)
с. Селце – с. Тресонче (3 км)
с. Тресонче – с. Лазарополе (6,5 км)
- наведените опции се вклучени во GPS линкот