Во монографијата посветена на селата Горно Чичево и Подлес, авторот Страшо Ончевски – Шијаков ја забележал легендата за настанокот на името на планината Клепа. Според преданието планината го добила своето име по еден немил настан во 1605 година кога младенците Јаков, син на попот Аврам од селото Водоврати, заедно со својата сопруга враќајќи се од прослава на славата Пречиста во селото Крајници застанале во манастирот „Св. Константин и Елена“ во Скачинци да запалат свеќи, при што Јаков бил убиен од монасите, сопругата затворена, а стоката заклана. Кога дошле во манастирот тие биле повикани на кафе и ракија од игуменот Василиј, кому му дошла лошата помисла да ги убијат и ограбат. Повеќето монаси и игуменот во манастирот биле Грци по потекло. По изминати три дена, попот Аврам се загрижил за својот син и снаа, па иако сите се сомневале дека арамбашата Вета Џока им сторил нешто, сепак токму тој по посетата на куќата на попот Аврам, решил да спроведе истрага. Најпрвин го испрашал манастирскиот говедар и повеќе луѓе и разбрал дека трагата на младенците се губи кај манастирот. Испрашувајќи ги монасите, сите криеле, па дури решиле и да се заколнат во бога. На крај Вета Џока решил да почне да ги коле еден по еден, сè додека монахот Михаил не кажал што се случило. По оваа случка, Вета Џока наредил да се запали манастирот бидејќи бил осквернавен, а сета манастирска стока била дадена на монахот Михаил и говедарот. Тие двајца отишле на врвот на планината и од камења соѕидале куќарка на која го закачиле манастирското клепало и почнале со него да удираат. Ударите на клепалото ги слушале селаните на сите околни села и си велеле што клепа горе во планината. Така оваа планина од зборот клепа го добила името Клепа, а дотогаш имала друго име. Слична легенда запишал и Апостол Поп-Јовановски, во која дејствието е исто, само што наместо Вета Џока како лик се појавува Булук-бег, а единствено жив останува говедарот кој го носи клепалото во својата колиба на врвот на планината.
Клепа – средновисока планина во средишниот дел на Македонија, на десниот брег на реката Вардар, јужно од градот Велес во средното Повардарие. Има меридијански правец на протегање, север-југ.
Планината Клепа се наоѓа во средното течение на реката Вардар со која е ограничена од исток, на север се спушта до долното сливно подрачје на реката Бабуна, на југ се спушта кон Тиквешката котлина и долниот тек на Црна Река, а на запад се спојува со планината Бабуна и областа Азот. Од запад, север и исток е ограничена со долините на реките Изворштица, Бабуна и Вардар, а на југ со Јасеновачка Глава (1110 м), планината Руен и долината на Црна Река. Во својата книга Материјали по изучувањето на Македонија, македонскиот револуционер Ѓорче Петров, планината Клепа ја именува како ридеста висорамнина и/или врв Клепа, за што запишал дека во источниот крај на висорамнината над с. Чичево и над 2 часа југозападно од Градско од сите други гребени и ридови се издигнува врвот Клепа, по којшто и целата таа област меѓу Бабуна и Река (Раечка Река) се нарекува Клепа.
Највисок врв е врвот Клепа кој е на надморска височина од 1150 метри, кој претставува вулкански нек, а други повисоки врвови се Ветерско (1080 м) и Гезавица (921 м).
Во минатото, во древните времиња, античкиот град Стоби, се снабдувал со вода преку цевки и канали од изворите на планината и самиот врв Клепа.
извор: Wikipedia
Знаменитости
(во подготовка)
Клепа 1150
Ветерско 1081
Руен 1005
Даброво 987
Гезавица 921
Планинарски патеки
Велосипедски патеки