Баба или Баба Планина – планина што се наоѓа во југозападниот дел на Република Македонија, сместена неколку километри западно од Битола.
Легендата за настанувањето на името на Баба Планина е запишана од диовчанецот Сотир Петревски („Автобиографија“ во машинопис. Преданието вели дека некогаш живеела некоја баба која имала кози, па кога изминал месецот март, бабата ги истерала козите на паша во планината, велејќи: „Циц кози на планина, прднете марту на брадина“. Март, навреден од бабата, позајмил од април три дена. Во тие три дена наврнало толку многу снег и фатил голем студ, што бабата и козите замрзнале и оттогаш планината ја завикале Баба.
Често се нарекува и Пелистер (старомакедонски: Пелистера·и – гулаб), иако тоа е само името на нејзиниот највисок врв. Според површината која ја зафаќа (436 км2) таа е тринаесетта најголема, а според височината (Пелистер, 2.601 м) трета највисока планина во Република Македонија.
Во 1948 година, поради особените природни убавини, историското и научното значење на шумите и шумските предели на планината Баба, еден нејзин дел со површина од 12 500 хектари, е прогласен за национален парк.
Баба се наоѓа меѓу Пелагонија на исток и Преспанската Котлина на запад. Таа, всушност, претставува хорст помеѓу овие две котлини, поточно помеѓу Битолското Поле на исток и Ресенското Поле и Преспанското Езеро на запад. Северната граница на Баба е превалецот Ѓавато (1.169 м), кој ја одвојува од планината Бигла, како и малата Цапарска Котлина. На југ, планината продолжува во Грција сè до превалецот Бигла (1.505 м), кој ја одвојува од Нередската Планина (Вич, 2.125 м), сместена во Грција. Преку нејзиниот јужен дел, односно преку врвот ‘Ржана (2.334 м), се протега западниот дел на македонско-грчката граница. Приближно 65% од планинскиот масив на Баба се наоѓаат на територијата на Република Македонија, додека 35% на територијата на Грција.
Баба има правец на протегање од север кон југ, а исто така, се карактеризира со симетричен изглед, бидејќи планинското било е подеднакво оддалечено и од Преспанската Котлина и од Пелагонија.
Застапени се и леднички земјишни облици, кои потекнуваат од плеистоценот, кога на високите делови на Баба се наоѓале ледници. Од ледничките облици, застапени се циркови и морени. Циркови има на надморска височина над 2000 м, а два од нив се исполнети со вода – Големото и Малото Езеро, кои од народот се наречени Пелистерски Очи. Големото Езеро се наоѓа на 2218 м н.в., со должина 233 м, широчина 162 м и длабочина 14.5 м. Малото Езеро се наоѓа на 2180 м н.в. и е со размери – 79 м должина, 68 м широчина и 2.6 м длабочина. Нивните басени се преградени со морени.
Знаменитости
(во подготовка)
Пелистер 2601
Илинден 2542
Стив 2468
Ветерница 2420
Муза 2351
‘Ржана/Бојаџиев Врв 2334
Широка 2218
Грива 2193
Козји Камен 2182
Висока Чука 2182
Бела Вода 2156
Скрково 2140
Вртушка 2010
Бабин Заб 1850
Планинарски патеки
Велосипедски патеки