Осоговски Планини или Осогово – висок и громаден планински масив кој доминира во источниот дел на Република Македонија. Расположен е помеѓу Славишката Котлина на север, Кумановската Котлина на северозапад, Пробиштипско-злетовскиот слив на запад, Кочанската Котлина на југ, Пијанец на југоисток и Струмскиот басен со Ќустендилската Котлина на исток на територија на Република Бугарија.
Како природна целина која се протега во две држави, Осоговскиот планински масив зафаќа вкупна површина од 1.535 км2, од кои на Република Македонија припаѓаат 1.102 км2 или 71,8%, додека 443 км2 или 28,2% на Република Бугарија. По својата површина е втор планински масив во Република Македонија, по планинскиот масив Јакупица (Мокра Планина). Највисок врв e Руен (2.252 м), а покрај него уште 5 врва се повисоки од 2000 м.
Осоговскиот планиски масив тектонски припаѓа на српско-македонскиот масив, кој претставува старо копно на Балканскиот Полуостров. Тектонските движења со кои била зафатена оваа планина условиле да биде издигната, раседната и раздробена при што е формирана како хорст. Геолошкиот состав е претставен со прекамбриски метаморфити и палеозојски шкрилци. За време на терцијарот се одвивала интензивна вулканска активност, што овозможило создавање на големи резерви на оловно-цинкова руда.
Релјефот на Осоговскиот планински масив е претставен со високи, зарамнети и долги планински била, кои меѓу себе се расчленети со длабоки речни долини, вулкански купи и кратери. Најпознати била се Руенското било, претставува вододелница помеѓу сливот на Вардар и Струма; Соколско било; Калинкаменско било; Костадинечко-лисечко било кое е вододелница помеѓу Пчиња и Брегалница; Лопенско било; Д’лгиделско било и др. Покрај билата значаен релјефен елемент се речните долини кои се одликуваат со клисури. Најпознати се долините на Тораничка Река (извориште на Крива Река), Каменичка Река, Оризарска Река, Злетовска Река и др.
Постојат многу легенди за тоа како Осогово го добило името, но најпозната е онаа според која тоа потекнува од старите саксонски рудари кои во минатото на ова подрачје ископувале злато и сребро. Приказната вели дека името настанало со спојување на зборовите од старогерманскиот јазик „osso” (господ) и „gov” (место), што значи „Божјо место“.
извор: Wikipedia
Знаменитости
(во подготовка)
Руен 2252
Царев Врв (Султан Тепе) 2085
Китка 1903
Сокол 2038
Мал Руен 2206
Калин Камен 1884
Петрово Брдо 2013
Планинарски патеки
Велосипедски патеки