Tour de Ohrid – или кружна тура околу Охридско Езеро: за нас најубавата и најживописната road-bike тура во Македонија (делумно и Албанија).
Веќе подолго време оваа прекрасна тура стои високо на нашата агенда, и конечно се оствари. Конечно можеме де раскажуваме дека го познаваме цело Охридско Езеро – долж и попреку. Можеби 100-тина извозени километри на прв поглед изгледаат застрашувачки, но ние уживавме буквално во секој изминат километар.
Тура:
Турата ја започнуваме од Охрид. Ја поминуваме старата чаршија и се приклучуваме кон стариот пат за Струга. Сеуште е рано и температурата е одлична – летаме кон Струга. На мостот на Дрим ја правиме првата кратка пауза и возиме кон с. Калишта. Тука се двоиме кон магистралниот пат за Г.П. Ќафасан. Постои можност да продолжиме и кон Радожда, но за тоа ние се потребни МТБ точачиња бидејќи од автокампот Треска каде завршува асфалтот постои стрмна offroad патека која се приклучува на магистралниот пат за Албанија (во некоја друга прилика). Започнува првата угорнина (од вкупно 3) кон граничниот премин – качуваме приближно 300 м. и пристигнуваме на Ќафасан.
На граничен премин (Ќафасан) овој пат нема чекање – со велосипед нема застој. Влегуваме во Албанија и возиме по сртот – прекрасна панорама на Охридско Езеро. Пристигнуваме на крстосницата каде патот се двои за Поградец и Тирана и тука возиме спуст до с. Лин – коловозот е идеален, тазе асфалтиран, широк и возењето претставува задоволство, имајќи го во предвид почитувањето од страна на сите учесници во сообраќајот. По вкупно 30 км. пристигнуваме во с. Лин и летаме кон Поградец каде пристигнуваме по вкупно 50 км. Во Поградец врие од туристи и на плажа ја правиме првата поголема пауза. Тука Охридско е непрепознатитливо – широки и уредени песочни плажи и безброј кафиќи и шанкови. Но отсуството на трските и песокот си го направиле своето – водите на Охридско се матни и прљави. Иако со себе понесовме костими за капење – тука дефинитивно не е местото каде би ги пробале.
Продолжуваме кон граничен премин Св. Наум и возиме покрај самото езеро. Долж целата Албанска страна, плажите се уредени со вештачки песок и се до таа мерка деградирани да воопшто не ни помислуваме да застанеме – ни недостасуваат нашите природни плажи и чистата зелена вода. Ако на некој му дојде на памет да го прави истото во Македонија, наша топла препорака е претходно да го посети Албанскиот брег на Охридско Езеро – брзо ќе му помине замислата. По изминати вкупно 55 км. пристигнуваме на Г.П. Св. Наум – ние сме единствените на преминот.
Бидејќи оваа тура претставува за нас вистинско уживање (а не натпревар), посетата на Манастирот Св. Наум е повеќе од неопходна. Прв пат влегуваме со велосипеди во комплексот и формалностите од типот влез, паркинг, итн.. ги нема. Веднаш наоѓаме место за уживање покрај ладните изворски води – време за кафе пауза и разладување. Одморот ни е неопходен бидејќи пред нас се останатите две угорнини кај с. Љубаништа и с. Трпејца и ќе ги возиме во најтоплиот период од денот.
Поаѓаме кон с. Љубаништа и следна станица – с. Трпејца. Возиме по угорнина и по прилично тесен коловоз со многу оштетувања. За разлика од Албанија – тука нашето учество во сообраќајот како велосипедисти воопшто не се почитува (Македонската сообраќајна култура во своето право светло). Внимателно и со страв пристигнуваме во с. Трпејца – гужва од невидени размери (автомобил врз автомобил / пешкир врз пешкир). Но тоа воопшто не не тангира – се симнуваме со велосипедите на сама плажа и следува вистинско уживање и капење во прекрасните зелени води на Охридско Езеро. Бидејќи не личевме на домашни туристи, вниманието на сите туристи беше свртено кон нас: можеби ако прозборевме германски / англиски ќе најдевме и слободна маса во преполните кафани.. Но не сме ние за таму: се оладивме и продолжуваме кон Охрид. Внимателно и претпазливо го одминуваме Градиште, Пештани, Лагадин и конечно влегуваме во Охрид. Тура за паметење!
Патеки во близина: