Реката Белешница, позната и како Беличка или Белешничка река, десна притока на Треска, е полноводна река која од својот извор, па се до нејзиниот влив, е со кристално чиста и првокласна вода. Нејзиниот извор, кој е еден од најиздашните во Македонија, со вода се снабдува од подземните резервоари на масивот Јакупица. Иако е долга нецели шест километри, според количеството вода кое го носи, реката Белешница е најголема притока на Треска во Поречкиот Басен. Поради својата кристално чиста вода, Белешница во 2002 година е прогласена за Споменик на природата. Белешница извира на околу 200 метри источно од најблиските куќи на селото Белица, на надморска височина од 580 метри. Долга е 5,8 километри, а течението и е во правец исток – запад. Во Треска се влива на надморска височина од 470 метри. Изворот на реката претставува карстен вруток кој според својата просечна штедрост од околу 1,5 метри кубни во секунда, спаѓа меѓу најголемите извори во Македонија, заедно со Свети Наум (5-10 м3/с), Рашче (1 – 6 м3/с), Росоки (2,5 м3/с), Вруток (0,5 – 5 м3/с), Вевчански извори (0,2 – 1,5 м3/с), изворот на Треска (0,28 – 3,5 м3/с) и Студенчица (0,5 – 4,3 м3/с).
* Реката Белешница е прогласена за споменик на природата во 2001 година.
Голубарница (позната и како Голубарник или Орле) — пештера во Поречието, во близина на селото Белица. Долга е околу 100 метри, и е една од поубавите пештери во реонот на селото. Во неа има многу процепи и недостапни места. Во оваа пештера е изворишниот дел на реката Белешница. Позната е по специфичните лилјаци, уникатниот бисер и загадочниот човечки череп. Пештерата се наоѓа на ридот Дафпат, а од селото Белица е оддалечена околу 1,6 км на исток. До Гулабарница може да се дојде по одлично обележана патека, притоа одејќи со средно темпо од околу еден час. Отворот на пештерата има јужна експозиција и се наоѓа на надморска височина од 868 метри, височина која е за околу 300 метри повисока од селото Белица.
Лапарница (или Лапарник, некаде и погрешно именувана како Орле) — пештера која се наоѓа во областа Порече, во близина на селото Белица. Должината на пештерата изнесува 88 м, a вкупната должина, заедно со сите споредни канали, достигнува 107,8 м. По целата нејзина должина и по страничните канали присутни се пештерски украси, претставени со: сталактити, сталагмити, драперии, травертински басенчиња исполнети со вода и др. Според категоризацијата на пештерите во Македонија, оваа пештера спаѓа во групата на забележителни пештери.
Момичек — пештера која се наоѓа на западните падини на планината Даутица, околу 1.5 км југоисточно од поречкото село Белица. Влезот на пештерата е на 850 м н.в. и е со северна експозиција. Пештерата е изградена во калцитски мермери со прослојци од доломити со прекамбриумска старост. Вкупната должина на пештерските канали на пештерата Момичек изнесува од 90 до 110 м и важи за една од најколоритните пештери во Македонија.
До Министерството за екологија од страна на спелеолошкото друштво „Пеони“ било поднесено барање местото Белица да биде прогласено за спелеолошки парк. Барањето се однесувало на три пештери од овој реон и тоа: Голубарник, Лапарник и Момичек, кои треба да бидат заштитени со законот за природни реткости и убавини.
Тура
(во подготовка)
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина:
с. Белица – Извори на Белешница (1 км)
с. Белица – Пештера Голубарница (1,5 км)
с. Белица – Пештера Лапарница (2,5 км)
с. Белица – Пештера Момичек (2 км)
- наведените опции се вклучени во GPS линкот