• Должина во правец: 8 км
  • Тежина: 6/10
  • Време на искачување: 2 часа
  • Искачување со деца: 3 часа
  • Висинска разлика: 200 м
  • Почетна точка:

    с. Младо Нагоричане

Помош за навигација: повеќе во Совети
Карта со сите патеки

Базалтните плочи во близината на Куманово се единствени на Балканот. Оваа уникатна формација се состои од осум ридести возвишенија, чија вкупна површина изнесува 176 хектари, со надморска височина што варира помеѓу 50 и 100 метри. Тие се формирани како резултат на ерозија, издвоени од едно поголемо вулканско образование кое е резултат на повеќефазен излив на базалтска лава во периодот на Миоцен.

Македонија е богата со геолошки и геоморфолошки феномени од вулканската ера, а меѓу нив, базалтните плочи околу кумановското село Младо Нагоричане се издвојуваат со својата неповторлива природа. Формирани се осум ридести возвишенија со вкупна површина од 176 ха, со височина што варира помеѓу 50 и 100 метри. Овие вулкански форми на релјеф се единствени не само за Балканскиот Полуостров, туку и во широк географски контекст, што ги прави ретки геолошки феномени од огромно значење за природното и геолошко наследство на нашата земја.

Базалтните плочи кај селото Младо Нагоричане претставуваат 8 конусовидни возвишенија, речиси сите со зарамнет врв во вид на плоча и со слична надморска височина која се движи помеѓу 465 и 510 метри. Тие претставуваат остатоци од некогаш единствена вулканска структура, формирана пред околу 10 милиони години со излевање на базична (течна) лава на еден поширок простор во должина од најмалку 10 километри. Седум од нив се верижно распоредени во меридијански правец во должина од околу 5 километри , а само две, меѓу кои и Зебрњак, се издвоени и лежат на околу 3 километри југозападно.

Од сите возвишенија, со својата импозантност и амбиентална впечатливост најмаркантна е Костоперска Карпа (наречена уште и Жеглиговски Камен), која е лоцирана веднаш покрај магистралниот пат Куманово-Крива Паланка. Највисоката точка ѝ е на надморска височина од 482 метри. Има изглед на пресечена вулканска купа, па често пати постои погрешно мислење дека се работи за остаток од згаснат вулкан. Костоперска Карпа, освен геолошко, има и големо културно-историско значење, бидејќи просторот на карпата претставува важен археолошки локалитет на кој се откриени артефакти од различни историски периоди. Поволната и природно заштитена позиција условила местото да биде населено уште од периодот на бакарното време (енеолитот), меѓутоа, според археолошките остатоци, во два периода локалитетот претставувал своевиден регионален центар – во периодот 4-3 век п.н.е. и во периодот од доцната антика, па сè до средниот век. Карактеристично за овој локалитет е што тука во минатото постоеле дури 40 цркви поради кои месноста била нарекувана Мала Света Гора. Јужно од Костоперска Карпа се наоѓаат две возвишенија, Шодин Камен (481 мнв) и Пркин Камен (465 мнв) кои според површината што ја зафаќаат се поголеми од неа, но помалку впечатливи и со неправилна форма. Пркин Камен воедно е и првото од седумте возвишенија кои се поставени во низа, гледајќи од јужната кон северната страна. На само 150 метри северно од Костоперска Карпа е лоцирано уште едно возвишение со изразен купест изглед – Вуевска Карпа (507 мнв) во чие јужно подножје е сместена црквата Св. Ѓорѓи, која претставува споменик на културата од XVI век. Во поширок топографски контекст, Вуевска Карпа опфаќа еден малку поголем рид во подрачјето околу Вуевско маало кој се протега во правец југ – север и претставува една целина.

Спомен-костурница на ридот Зебрњак — монументално и триумфално спомен обележје кое е подигнато во слава и чест на загинатите српски војници во текот на Кумановската битка во Првата балканска војна во 1912 година. Српската војска, во која имало и Македонци, извојува победа над турската и со тоа го означи почеток на ослободувањето на југоисточна Европа од Отоманското Царство. Во македонската историографија овој настан се оценува како почеток на српската власт над Вардарска Македонија. Спомен-обележјето е најзначајното остварување на белградскиот архитект Момир Коруновиќ и беше најмонументалниот воен материјал на балканските простори. Споменикот е подигнат во 1937 година на локацијата на самата борба – ридот Зебрњак кај Куманово во тогашната Вардарска бановина во Југославија, денешна Република Македонија. Воена сила од околу 90.000 војници под команда на Александар I Караѓорѓевиќ. Оваа битка ја одлучи Првата балканска војна. На турската војска и бил нанесен тежок пораз, по кој следуваше завршното протерување на Турците од Балканот. Во спомен-костурницата, почиваат посмртни остатоци на 678 загинати српски броци. По ова била исполнето и тежнеењето на српскиот народ да се ослободи Косово и Метохија. Денеска споменикот е во руинирана состојба, поради тоа што бил срушен од страна на бугарските воени сили во текот на Втората светска војна.

Тура

(во подготовка)