Патеката започнува во селото Горно Соње. Точната локација каде да паркирате, може да ја видите на прикажаната карта (Zoom In / Out). Патот до таму е асфалтиран и сосема во ред за патнички возила, но места за паркинг тешко се наоѓаат. Доколку имате потешкотии, паркирајте на главниот пат Сопиште – Соње.
Оваа велосипедска патека е идеална за почетници. Се вози по земјен пат со прилично блага нагорнина. Природата е магична и сонце во изобилство. Нуди вистинска можност да ги проверите вашите велосипедски амбиции, посебно offroad mtb возење кое бара малку техника за да велосипедот не ви пролизгува. Внимавајте: од време на време знае да помине некој КРШ натоварен со дрва, но тоа е ретко. И покрај тоа што има рампа која треба да спречи слични активности, истата е слободно отворена.
По патеката има неколку летниковци каде може да се одморите или засолните. Некаде на половина од патеката пристигнувате на местото наречено Бункери (транзитна точка на патеката Водно – Матка).
Од Бункери продолжувате кон врвот на Водно – Крстовар. Внимателно на оваа секција бидејќи патот е уништен од ГАСОВОДНИТЕ КЛЕПТОМАНИ и доколку претходните денови било врнежливо, за очекување е лизгава подлога и кал. Како и да е, ние го качивме, тоа значи дека можете и вие.
Кратко пред да пристигнете до крстот се нудат повеќе летниковци, дрвени маси и клупи каде можете да уживате во заслужениот одмор со извонреден видик кон Јакупица (Мокра Планина) и Шар Планина.
Патеката е навистина прекрасна во секое годишно време, но сепак мора да планирате доволно време за враќање со цел да избегнете ноќно движење на планината.
Патеки во близина: