• Должина во правец: 5,5 км
  • Тежина: 6/10
  • Време на искачување: 2 часа
  • Искачување со деца: 2,5 часа
  • Висинска разлика: 640 м
  • Почетна точка:

    Паркинг пред Средно Водно – Крстосница Сончев Град
    Кружна опција: Бабина патека – врв Крстовар – Олимписка патека – Трим Стаза (11,5 км.)

Помош за навигација: повеќе во Совети
Карта со сите патеки

Маркови Кули (или град Чрнче) – археолошко наоѓалиште од типот на утврдена населба кое се наоѓа 4,5 км на југоисток од центарот на Скопје. Качена е на источниот крај на планината Водно во месноста Марково Крувче, врз издаден и стрмен варовнички гребен 350 м. високо над полето и Вардар во подножјето.

Благодарение на ископувањата и точната стратиграфија денес можеме со голема сигурност да зборуваме за историјатот на тврдината и низ средниот век. Најверојатно во X век почнала обновата на некогашната акропола. Новото обѕидие ги следи остатоците од VI век, наслојувајќи се врз нив. Укрепениот простор имал димензии од 130 х 80 м. Обновени биле 4 кули на источниот ѕид и челниот бастион.

Бањата била изградена на тесниот простор помеѓу помалата цистерна и обѕидието, а врз остатоците на еден магацин од VI век. Има специфичен систем за затоплување оздола, сосем поинаков од античките хипокаустни уреди. Носачите на подот се градени во вид на масивни крајѕидни банкини и средишни квадратни подиуми. Дворецот се наоѓа во средишниот дел на акрополата. Има правоаголна основа (22,5 х 12 м). Граден со малтер, а бројните дрвени греди во ѕидовите му давале поголема цврстина (систем сантрач). Ѕидовите биле украсени со дерсување, а подот покриен со малтерна кошулка. Градбата имала 3 простории во една низа и отворен трем пред нив по целата должина.

Во повелбата на кралот Милутин на манастирот Св. Георгиј на Серава забележано е името на овој „град”: Чрнче (1300 г.). Името му живее во денешната населба Црниче, сместена на падините на Водно северозападно од некогашната крепост. Функцијата на истата може да ја замислиме како висока стража, збег и дворец над Скопје.

Извор: Wikipedia

Тура

Турата ја започнуваме сосема случајно и под присила: планиравме да го искачиме Водно од долу по словенската патека (поранешна полициска патека), но поради хаосот за време на викенд, паркинг најдовме единствено пред крстосницата за Сончев Град – и во тој момент знаевме која патека ќе ја одиме.

Ова е супер опција доколку и Вие не се снаоѓате со паркинг место – идеална тура во иста должина како Панорама – врв Крстовар, односно од доле до горе.

Веднаш над паркингот и првата кривина од 180 степени, започнува планинарска патека која води до локалитетот Маркови Кули (или Марково Крувче). Бидејќи не сме ја оделе оваа патека повеќе години бевме изненадени од просторот пред самиот локалитет кој поседува клупи, лулашки и други реквизити за вистинско уживање во природата. Иако дел од екипата веднаш се обеси на лулашки, по кратко продолжуваме по Бабина патека до врвот Крстовар – прекрасна патека низ листопадна и зимзелена шума со блага нагорнина. Го качуваме Водно по сртот во правец од исток кон запад. Пред врвот ни се приклучуваат Новогодишна и Пензионерска патека, и пред да излеземе на асфалтниот пат, од десна страна ни се приклучува старата пензионерска патека – нашата омилена но за жал непосетена и необележана (за тоа во некој друг пост).

Назад се враќаме по Олимписката патека (која е една од пострмните патеки на Водно), и пред да излеземе на Средно Водно преку обележана кратенка излегуваме на трим стазата која не води назад кон локалитетот Маркови Кули. Идеална кружна тура на Водно и солидна вежба за нашите следните потфати.