• Должина во правец: 3 км
  • Тежина: 3/10
  • Време на искачување: 1 час
  • Искачување со деца: 1,5 час
  • Висинска разлика: 315 м
  • Почетна точка:

    село Горно Соње, црква Св. Никола

  • Должина во правец: 5 км
  • Тежина: 3/10
  • Време на искачување: 1,5 час
  • Искачување со деца: 2 часa
  • Висинска разлика: 325 м
  • Почетна точка:

    село Горно Соње, црква Св. Никола

Помош за навигација: повеќе во Совети
Карта со сите патеки

Во овој пост нудиме две супер лесни патеки прилагодени за сите возрасти (деца, баби, дедовци – секој може да земете). Иако двете патеки во последно време се популаризираат, сепак се прилично непосетени и доколку уживате да талкате сами по планина со своето семејство, патеките се идеални за вас. Следната придобивка е сонцето. Бидејќи двете патеки се на јужните падини на Водно, доколку времето е убаво, очекувајте сонце преку целиот ден. И последната придобивка: паркингот е бесплатен (оваа информација задржете ја за себе инаку зонско не ни бега).

Пристигнувањето е преку Сопиште (за сите што поаѓаат од Скопје) и по главниот пат се одвојувате десно покрај таблата која означува „Горно Соње“. Патот е асфалтиран и во добра состојба. Откако ќе се одвоите од главниот пат кон манастирот „Св. Никола-летен“, препорачливо е да ги паркирате вашите возила на 100 – 200 метри пред црквата, бидејќи паркинг местата околу црквата се ограничени.

Двете патеки се двојат од исто место (zoom-in / zoom out на картата десно). Патеката која се двои десно е пократка, но не е помалку убава и живописна. По кратката нагорнина веднаш влегувате во зимзелена прекрасна шума (curtesy на нашите баби и дедовци кои пред повеќе од 50-тина години одлучиле да го пошумат Водно). Кратко пред врвот, патеката излегува од шумата и се вкрстува со руглото наречено Гасовод – внимателно со деца: овој дел е прилично опасен. Кратко потоа, патеката се спојува со главната патека (Водно – Бункери – Матка).

Подолгата патека, која се двои кон лево, е наша омилена. Нуди прекрасна прошетка низ зимзелена и нискостеблеста шума. Незначително е подолга, но за нас- најубава.

Кратко пред да пристигнете до крстот се нудат повеќе летниковци, дрвени маси и клупи каде можете да уживате во заслужениот одмор со прекрасна глетка кон Јакупица (Мокра Планина) и Шар Планина.

Пократката патека е делумно маркирана, но маркациите се стари и тешко забележливи. На подолгата патека не забележавма маркации. Предлог: доколку ги одите за прв пат користете навигација – повеќе информации и помош за навигација во Совети.

Двете патеки се одлични за секое годишно време, но сепак мора да планирате доволно време за враќање, со цел да избегнете ноќно движење на планината.

Од северна страна:

Олимписка патека (Далноводи)
Пензионерска патека
Детско одмаралиште
Водно – Бункери – Матка

Од јужна страна:

с. Горно Соње – Бункери – Матка