Аџина Река – река во Западна Македонија и лева притока на Радика. Реката извира во југозападниот дел на Шар Планина, на надморска височина од 2.000 м. Кон крајот на своето течение, реката е премостена со макадамскиот пат од селото Бродец до караулата Стрезимир, а неколку стотина метри јужно од мостот се влева во Радика од нејзината лева страна, на надморска височина од околу 1.270 м, на местото каде што од десната страна во Радика се влева и реката Штировица. Вкупната должина на реката изнесува 8,0 км, додека на сите водотеци во нејзиниот речен слив 34,9 км. Нејзиното сливно подрачје зафаќа површина од 36,1 км2 и истото припаѓа на Јадранскиот речен слив. Во текот на летните месеци, речното корито на реката пресушува.
Радика извира на 2.200 метри надморска височина под врвот Враца на Шар Планина. Од изворот до утоката во Дебарското Езеро е долга 67 км. Радика има чиста, бистра и студена вода со изглед на темнозелена боја што е последица од калциум карбонатот во неа. Долината на Радика е една од најатрактивните и најживописните кањонски долини. Кањонот е стар неколку милиони години пробивајќи се меѓу планинските страни на: Бистра и Стогово на исток и
Кораб и Дешат на запад. Радика е единствена река со бифуркација во Македонија, која дава вода на два слива, Јадранскиот и Егејскиот слив. Со канали дел од водите на Радика се носат во Мавровското Езеро и го полнат со вода, а од тука со подземни тунели во Вардар. Тука е изградена ХЕЦ „Врбен“.
Тура
Оваа тура е карактеризирана како средно-тешка тура и се вози во еден од најубавите предели на Маврово. Поаѓаме од Маврови Анови и возиме кон с. Врбен. Овој дел на Бистра е познато дека изобилува со диви животни особено мечки, но желбата да се види оваа убавина го потиснува стравот од можна средба. Кратко застануваме пред крстот пред селото Врбен каде што е лоциран крајот на Via Ferrata Врбен и за истата ќе пишуваме во некој друг пост. До Врбен, качувањето е прилично лесно со блага угорнина, додека во селото е прилично живо со викендаши и жители. Од Врбен кон Богдево започнува земјен трасиран пат но со умерена угорнина. Целата патека е повеќе од 60% во шума, односно сенка и возењето претставува задоволство и во летните месеци. По изминати 15 КМ го одминуваме Богдево и се движиме кон најоддалеченото село во овој дел – с. Бродец. Кратко пред Бродец, угорнината се зголемува и ги трошиме последните сили за да се искачиме. Пред да пристигнеме во Бродец следува кратко удолнина и возиме по изохипса кон селото без поголем напор. Пристигнуваме во Бродец – како да сме во друго време и на друга планета. Тука времето е застанато, куќите стари и трошни, селото е празно. Полниме вода од селската чешма – студена и во изобилство. Поаѓаме кон Стрезимир, почетната точка на искачување на Голем Кораб. Тука угорнината значително се зголемува, и на одредени интервали ги туркаме велосипедите, но тоа е навистина краток дел и по изманите 30 КМ пристигнуваме до мостот на Радика каде имате можност да продолжите кон Аџина Река или да се вратите назад. Се враќаме назад и возиме по течението на Радика и се приклучуваме на регионалниот пат Дебар – Маврово. Eдинствена негативна страна на оваа тура е што завршува со угорнина: Кораб Трница до Маврови Анови.
Велосипедски патеки во близина:
Планинарски патеки во близина:





















