Свети Ѓорѓи (позната и како Свети Ѓорѓија или Свети Ѓорѓи Победоносец) — манастирска црква на Раичкиот манастир во дебарското село Рајчица, Македонија. Црквата се наоѓа во долното маало Радовци. Истата, заедно со манастирскиот комплекс, е прогласена за заштитен споменик на културата на Македонија. Изградбата на црквата завршила во 1835 година, а нејзин ктитор бил бигорскиот архимандрит и игумен Арсениј од Галичник. Ова е напишано на натписот од надворешната страна над влезната врата, кој што е испишан од раката на зографот Михаил, по завршувањето на неговата работа на живописот во куполата. Во годишниот биланс на Бигорскиот манастир е запишано дека биле потрошени 25.000 гроша за обемните работи околу изградбата на црквата (метох на манастирот), како и за нејзино опремување со икони за иконостасот, кандила, свеќници, крстови и слично. Но, посветеноста за црквата прекинала со смртта на Арсениј во 1839 година, а Бигорскиот манастир останал без игумен две години. Наследникот на Арсениј, игуменот Јоаким ја исполнил желбата на неговиот претходник, самаринскиот зограф Михаил да ја зографиса црквата, кој со својот син Димитар бил ангажиран да работи во Бигорскиот манастир. Игуменот Арсениј ги ангажирал самаринците уште пред да почнат зографските работи да изработат икони за иконостасот, а тоа се потврдува на престолните икони, каде зографите се потпишале и ја означиле годината 1832 година.
Живописот во средишната купола е изведен во 1840 година од зографите Михаил и Димитар (монашко име: Данил) по потекло од епирското село Самарина, кои биле најмени од страна на игуменот Јоаким. Откако го насликале овој живопис, зографите од неразбирливи причини ја прекинале работата. Ова е запишано во натписот на западната врата на храмот и на завршетокот на двата богослужбени текста во тамбурот. Работата на зографисувањето на црквата ја продолжил Дичо Зограф од мијачкото село Тресонче, кој работел во текот на 1848, 1850 и 1852 година, изработувајќи ги фреските во наосот, олтарот и травејот. За работата на Зограф се дознава од натписот над влезната врата од внатрешната страна, како и од натписите на композициите во наосот, во олтарот и во травејот.
Света Варвара — мала средновековна црква во дебарското село Рајчица, Македонија. Црквата се наоѓа во маалото Рајчки, на зарамнета ливада високо над Дебарското Езеро и градот Дебар. Истата е прогласена за заштитен споменик на културата на Македонија. Врз основа на зачуваните натписи, црквата била подигната во 1597 година. Во натписите испишани со старословенски букви се спомнуваат ктиторите Овчина и В’лкове. Натписите се наоѓаат нишата, над протезисот и на просторот помеѓу нишата на протезисот и апсидата. Во минатото била метох на Бигорскиот манастир. Во 1913 година црквата била целосно ограбена од Турците, при што биле ограбени повеќе скапоцени и старозаветни икони со вкупна вредност од 50 златници-наполеони.
Кристалната пештера во близината на Дебар е една од двете вакви пештери во светот. Во неа може да се најде и види уникатниот кристал – селенит кој освен на ова место го има само уште во Мексико – своевидно геолошко чудо. Лоцирана е на половина пат меѓу градот Дебар и бањата Косоврасти, под големиот бел рид во рудникот за гипс на германската фирма „Кнауф“. Влезот е на неколку метри над нивото на Дебарското Езеро, а температурата внатре е околу 17 степени. Гипсот во пештерата кој се користи исклучително за медицински потреби, се јавува во 3 форми: алабастер, анхидрит и кристал селенит (Богородичино стакло). Освен на ова место, со 99,99% чистота селенитот го има само уште во Мексико. Уникатен е поради хемискиот состав, термалните води, условите и притисокот на земјата и ридот. Целата внатрешност на јамата, трите нивоа, долгите ходници и огромните хали, е исполнета со кристалот. Иако спаѓа меѓу најмеките кристали, тој е компактен и високите сводови немаат потреба од потпора. По подот пак, има барички од термална вода на чија површина е тенка кора, а на дното бел талог. Водата е полна со калциум, магнезиум и сулфур, и лековита е, особено за кожни болести. Проѕирноста на кристалите, прекршувањето на светлината, разиграноста на зраците и сенките го запираат здивот од убавина и го зголемуваат ова единствено доживување.
Тура
(во подготовка)
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина:
Раички Манастир – Кристална Пештера (2 км)
- наведените опции се вклучени во GPS линкот