• Должина во правец: 21 км
  • Тежина: 8/10
  • Време на искачување: 3,5 часа
  • Искачување со деца: / часа
  • Висинска разлика: 750 м
  • Почетна точка:

    Крстосница – с. Осинчани

Помош за навигација: повеќе во Совети
Карта со сите патеки

Според народните преданија, потеклото на името на Маркова Река и Марков Манастир се поврзува со средновековниот македонски владетел Крале Марко. За време на изградбата на Марковиот Манастир (помеѓу 1366 и 1372 година), водите на Салаковски Езера истекувале преку Кадина Река во Вардар. Бидејќи на Крале Марко му била потребна водата во изградбата на Марковиот манастир, тој ја процепил карпата со познатиот боздоган, направил преграда каде што истекувала водата во Кадина Река и дел од водата пуштил да тече во спротивен правец. На тој начин, Крале Марко го дал почетокот на оваа река, поради што таа се нарекла Маркова Река.

Црн Врв — село во Општина Студеничани, во околината на градот Скопје.Селото се наоѓа во крајниот југозападен дел на Скопската Котлина, во областа Торбешија. Атарот е мошне голем, со површина од 61,6 км2. Сместен е во изворишното подрачје на Маркова Река и се протега кон северните падини и сртот на Јакупица. Подрачјето околу Црн Врв е населено уште во доцната антика за што сведочат остатоците од градиште и збег во наоѓалиштето Кале на 2 км југоисточно од селото.

И покрај тоа што сите наши велосипедски тури започнуваат од Скопје – Центар (Универзална Сала), сепак оваа тура ќе ја презентираме од с. Осинчани – с. Елово – с. Црн Врв.

Село Осинчани се наоѓа на 26 км од Скопје (центар), и се пристигнува по добро асфалтиран пат преку Драчево, Батинци, Маркова Сушица. Доколку пристигнувате со автомобил, истиот е најдобро да го оставите на самата крстосница каде се двои патот за с. Осинчани, бидејќи истиот е прилично оштетен и несоодветен за патнички возила, но идеален за MTB велосипеди.

Согласно нашето искуство и критериуми, оваа MTB тура припаѓа во средно тешките планински велосипедски тури каде се возат 20 КМ во правец и се искачува висинска разлика од приближно 750 м, и затоа на скала од 1-10, нашата оценка е 8 со приближно време на искачување од 2,5 – 3 часа.

Откако ќе се исклучите од главниот патен правец кој води за с. Н. Брезница / Козјак, сообраќајот е значително намален и патеката е идеална за вистинско планинско уживање: изобилува со прекрасни планински погледи и предели, од двете страни постојано сте во шума или помеѓу планински ливади. По вкупно 5 км и совладана висинска разлика од 200 м., пристигнуваме во с. Осинчани додека до с. Елово не делат уште дополнителни 8 км. и вкупно совладана висинска разлика од 340 м. Во с. Елово ја препорачуваме првата пауза бидејќи следат уште 7 км. со значително зголемен успон до крајната дестинација – село Црн Врв.

Продолжуваме уште приближно 1 км. од селото Црн Врв кон Рибникот од каде може да уживате во прекрасните погледи на Јакупица (Мокра Планина).

Препорака: Носете со себе доволно вода и храна бидејќи низ целата рута не постои можност за дополнување на залихите.

Горан Богоевски
Macedonian Bike Riders
(https://www.facebook.com/MacedonianBikeRiders)

Солунска Глава 2540
Караџица 2472
Перчулица 2423
Пепелјак 2352
Убава 2346
Пржал 2339
Каменити Брег 2318
Остри Врв 2263
Миленков Камен 2217
Мирска Вода 2179
Иванов Камен 2108
Кривул 2088
Бел Камен 2074
Рендова Ливада 2058
Лисец 1935
Сипачан 1790
Зајачница 1760
Османбежица 1730
Каљаја 1710
Студена Вода 1475
Коритски Камен (Тисовички Врв) 1441
Темна Бука 1362