Салаковски Езера – две леднички езера на планинскиот масив Мокра (Јакупица) во Македонија.
Станува збор за две езера кои се единствени постојани езера на овој масив. Наречени се Салаковски Езера (Големо и Мало Салаковско Езеро), а се наоѓаат во месноста Езериња на североисточните делови од Караџица односно под врвот Убава, висок 2353 метри.
Езерата се сместени на надморска височина од 2.178 метри во еден заеднички цирк, кој е создаден за време на плеистоцената глацијација. Имено цирк претставува широка вдлабнатина во форма на амфитеатар, кој настанува со делување на процесот на глацијација односно со делување на ледничките маси, кои движејќи се го продлабочуваат теренот. Во овој случај циркот е настанат со движењето на Салаковскиот ледник. Овој цирк е обиколен со билото Горни Пепељак од северозапад, Убава од југ и Салаковска Планина од исток. Во минатото Салаковскиот цирк бил исполнет со вода од едно ледничко езеро, но бидејќи истеката на ова езеро лежи врз ерозивни моренски мтеријали, таа постепено се всекува и езерото ја губи водата. Денес се останати само најдлабоките делови од тоа некогашно езеро (Големото и Малото Салаковско Езеро). До Салаковските Езера може да се дојде од повеќе населени места: Црн Врв од север, Алдинци (ПД Караџица) од североисток, Тажево и Белица (Порече) од југозапад и Патишка Река од северозапад.
Големото Салаковско Езеро зафаќа површина од 1340 м2, додека Малото Салаковско Езеро зафаќа површина од 850 м2. Најголемата длабочина на големото езеро изнесува 2,35 метри, додека Малото езеро има најголема длабочина од 2,5 метри. При проучувањата на езерскиот басен, се утврдило дека во далечното минато, двете езера биле споени и претставувале едно големо езеро.
Во записите на Ѓорче Петров се сретнува предание во кое се вели дека кога Крали Марко посакал вода за својот манастир (Марков Манастир) кој се наоѓа во подножјето на Црн Врв, ја пробил од едната страна карпата којашто го заградува големото езеро и пуштил од него вода од која што се создала Маркова Река.
Убава (некаде се сретнува и како Убово) – планински врв на планината Караџица на масивот Јакупица во средишниот дел на Македонија. Неговата надморска височина изнесува 2.346 метри. Всушност, со името Убава, кое во денешно време најмногу се користи за највисокиот врв, се именува поголем предел на планината Караџица кој ја опфаќа висорамнината помеѓу врвовите Остри Врв, Пепелјак и Каменити Брег веднаш на сртот над двете Салаковски Езера, малата долина која од овој предел се спушта кон изворите на Кадина Река во месноста Јуручка Карпа и камениот (карпест) гребен кој ги ограничува оваа висорамнина и дол на запад и чијашто надморска височина се движи по котите 2346, 2301, 2288, 2295, 2261 и завршува повторно со 2346 метри на југ. Во својата книга Материјали по изучувањето на Македонија, македонскиот револуционер Ѓорче Петров, запишал дека Црн Врв е соединет со основите на Јакупица преку гребенот Темна Бука, над којшто се издигнува пирамидалниот врв Убово ( Убава н.з.), кој по височината и местоположбата го зазема средното место помеѓу врвовите Јакупица и Црн Врв, а некогаш на тој врв била убиена некоја убава мома, по што и врвот се нарекува Убава.
Извор: Wikipedia
Тура
(во подготовка)
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина:
с. Црн Врв – Салаковски Езера (11 км)
Салаковски Езера – врв Убава (1 км)
Салаковски Езера – врв Горни Пепељак (1,5 км)
- наведените опции се вклучени во GPS линкот