Охридско Езеро – најголемо и најзначајно природно езеро во Македонија, најстаро во Европа и, од биолошки аспект, најзначајниот стагнантен воден екосистем на континентот. Се карактеризира со богата историја, културa, археолошки наоѓалишта и природна убавина, и го делат две држави: Македонија и Албанија.
Благодарение на ваквите особености, во 1980 година Охридското Езеро и градот Охрид се прогласени за Светско културно наследство, под заштита на УНЕСКО. Светската важност на езерото се потврдува во 2010 г. кога НАСА и Меѓународниот астрономски сојуз решаваат едно од езерата на Сатурновата месечина Титан да го носи името „Охридско Езеро“.
Езерото покрива површина од 358,2 км2 и се протега во должина од 30,8 км, а најголемата широчина изнесува 14,8 км. Должината на брегот изнесува 87,5 км. Неговата длабочина достигнува до 289 м. Вкупниот волумен на езерото изнесува 58,6 км3. Езерото е сместено во длабока и затворена котлина, на исток ограничена со планината Галичица (2288 м), а на запад со Јабланица (2257 м).
Се наоѓа на надморска височина од 695 метри. Во сливот на Охридското Езеро припаѓаат 40 реки, од кои 23 на албанска и 17 на македонска територија. Најголемата длабочина од 286 метри е измерена меѓу селата Пештани и Трпејца, на околу 5 км од езерскиот брег. Средната длабочина на езерото е 151 м. За бистрата вода чија провидност изнесува и до 22 метри, што претставува вистинска реткост помагаат бројните подводни врутоци и изворите кои се наоѓаат по должината на источниот и јужниот брег.
Залив на Коските – залив во Охридското Езеро и археолошко наоѓалиште на праисториска наколна населба од доцнобронзеното и раножелезното време. Сместен е до полуостровот и автокампот Градиште, меѓу селата Пештани и Трпејца. Длабок е 3 до 5 метри. Местото е наречено „Плоча Миќов Град“ и денес има реконструкција на наколните живеалишта (Музеј на вода „Залив на Коските“) и платформи, како и свој посетителски центар со изложбен простор за наодите. Над него се издига обновено римско утврдување (каструм) со воени објекти од тоа време, во наоѓалиштето наречено Градиште.
Најблискиот колец од вкупно 6.000 откриени е на 12 метри во езерото, со што се претпоставува дека е тоа колец од мостот што ја спојувал населбата. Се претпоставува дека се простирала на платформа од околу 8.500 м2, а на неа имало можеби и 60-ина живеалишта. На местото се откриени многу остатоци од орудија, предмети од керамика, дрво, од камен и делови од животни како еленски рогови.
Наколните населби биле градови правени на платформи, кои стоеле на дрвени колци забодени на дното на езерото. На тие наколни платформи се наоѓале куќите на праисториските луѓе, кои со подвижен мост биле споени со брегот. Жителите на овие населби се занимавале најмногу со риболов, но и со земјоделство и лов. На ова укажуваат разните садови и предмети од керамика и камен пронајдени и на суво и под вода.
СУП Тура
Турата ја започнуваме во с. Пештани бидејќи за подготовка на СУП-овите, потребна ни е сенка и близина на возилото. Доколку не постои можност за поаѓање од с. Пештани, втора опција е хотел Десарет каде со уредно платен паркинг, може да сметате на повеќе пати пешачење нагоре / надоле со цел подготовка на СУП-овите и транспорт на целата опрема (пумпи, торби, итн.) назад во возилото.
Започнуваме од с. Пештани и за кратко ја одминуваме плажата на хотел Десарет, и кратко по трските започнуваат познатите диви плажи се до Бане 2 – ресторантчето на „Нивоу“ што би рекле нашите новопечени глисерџии. На овој потег (од Десарет до Бане 2) капењето и ужувањето е обврска: кристално зелена чиста вода и тишина која на моменти е прекината од нашето напорно веслање.
Правиме кафе пауза на Бане 2 и продолжуваме кон Градиште. На плажата Оревче не дочекува познатиот тупса-тупса ритам, и како се движиме кон Градиште, жарновите се менуваат на секоја од единечните плажи. Конечно ја одминуваме главната плажа на Градиште и пристигнуваме во Заливот на коските, овој пат од сосема друга страна (водна).
Ова е прилично едноставна и лесна тура, и ќе ни послужи како увертира во летната сезона 2021.
Патеки во близина:
(наскоро)