Охридско Езеро – најголемо и најзначајно природно езеро во Македонија, најстаро во Европа и, од биолошки аспект, најзначајниот стагнантен воден екосистем на континентот. Се карактеризира со богата историја, културa, археолошки наоѓалишта и природна убавина, и го делат две држави: Македонија и Албанија.
Благодарение на ваквите особености, во 1980 година Охридското Езеро и градот Охрид се прогласени за Светско културно наследство, под заштита на УНЕСКО. Светската важност на езерото се потврдува во 2010 г. кога НАСА и Меѓународниот астрономски сојуз решаваат едно од езерата на Сатурновата месечина Титан да го носи името „Охридско Езеро“.
Езерото покрива површина од 358,2 км2 и се протега во должина од 30,8 км, а најголемата широчина изнесува 14,8 км. Должината на брегот изнесува 87,5 км. Неговата длабочина достигнува до 289 м. Вкупниот волумен на езерото изнесува 58,6 км3. Езерото е сместено во длабока и затворена котлина, на исток ограничена со планината Галичица (2288 м), а на запад со Јабланица (2257 м).
Се наоѓа на надморска височина од 695 метри. Во сливот на Охридското Езеро припаѓаат 40 реки, од кои 23 на албанска и 17 на македонска територија. Најголемата длабочина од 286 метри е измерена меѓу селата Пештани и Трпејца, на околу 5 км од езерскиот брег. Средната длабочина на езерото е 151 м. За бистрата вода чија провидност изнесува и до 22 метри, што претставува вистинска реткост помагаат бројните подводни врутоци и изворите кои се наоѓаат по должината на источниот и јужниот брег.
Св. Богородица Захумска која меѓу местното население и пошироката јавност е позната само како Заум се наоѓа веднаш крај самиот источен брег на потегот помеѓу селата Трпејца и Љубаништа. Се наоѓа на оддалеченост од 20 км од Охрид, на брегот на езерото, во подножјето на планината Галичица и во непосредната близина на рибарското село Трпејца. Сместена е во многу тешко пристапно место под карпестиот гребен на Галичица наречен Голем Осој (висок 1005 м.н.в.) веднаш непосредно на самиот брег до водите на Охридското Езеро на надморска височина од 695 метри. Веднаш над самата црква од исток се издигнуваат стрмни карпи, додека пред црквата во непосредна близина на запад се наоѓа и местото со најдлабоката точка на Охридското Езеро. До црквата се стигнува само по воден пат со чамец.
Легенда и предание за манастирот Заум
За настанокот и изградбата, а воедно и како толкување на името на манастирот Заум, меѓу народот постои легенда која е широко распространета како предание, кое според Марко Цепенков го знаеле сите охриѓани, а која подоцна исто така ја запишал и современиот собирач на македонски народни легенди Апостол Поп-Јовановски. Според легендата, многу луѓе се обидувале да ja измерат длабочината на Охридското Езеро, но никој не успевал да стигне до дното. Некоја жена, која била царица, три години предела конец и заминала со чамец на сред езерото за да ја измери неговата длабочина. Но, наеднаш мирното и тивко езеро како да сакало да ја одврати во намерата, та се разбеснило и разбранило со бранови високи како планини кои се заканувале да го превртат и потопат чамецот на царицата и нејзината придружба. Царицата се уплашила и паднала на коленици да се моли на Бога да ја избави од разулавеното езеро, ветувајќи дека ќе изгради манастир на местото на кое што ќе ја избави од езерото. Штом го дала тоа ветување, брановите започнале да се намалуваат и езерото да се смирува, со што жената довеслала до брегот, каде рекла „Е уште еднаш ЗА УМ нека ми биде ова, што ми требаше да го мерам езерото“ и дала заповед на тоа место да се направи еден манастир кој го нарекла Заум, поради големиот страв што го преживеала така да го гледа и да памети оти ќе се удавела. Преданието вели, дека манастирот стои на брегот под стрмните карпи кај најдлабокиот дел од езерото „за ум“ на секој човек што ќе оди таму да се чува и да не влегува во него.
СУП Тура
Турата ја започнуваме во с. Трпејца бидејќи за подготовка на СУП-овите, потребна ни е сенка и близина на возилото. Доколку не постои можност за поаѓање од с. Трпејца, втора опција е кампот Љубаниште каде со уредно платен паркинг можете да го паркирате возилото близу до плажата што значително ќе ви ја олесни подготовката на СУП-овите и транспорт на целата опрема (пумпи, торби, итн.) назад во возилото.
Започнуваме од с. Трпејца и лесно наоѓаме паркинг на споредната уличка (паралелно на главната) – ZoomIn / ZoomOut на картата десно. Оваа споредна уличка (наспроти маркетот) не води на помалку посетена плажа на Трпејца опкружена со неколку викенд куќички каде неперечно ги подгтвуваме СУП-овите и поаѓаме за ЗАУМ. Веднаш го поминуваме планинскиот гребен кои го двои селото и започнува тишина и недопрена природа која изобилува со чиста зелена вода и диви плажи.
Тука природата е недопрена. Често правиме паузи за да уживаме во прекрасната зелена вода на езерото. Кога помислуваме дека на уживањето му нема крај, за кратко пристигнуваме во Св. Богородица Захумска – за нас едно од најнедопрените природни убавини на Охрид. Ги паркираме СУП-овите и уживаме во тишината и природата. Од време на време поминуваат туристички бродчиња, остануваат од 15 – 20 минути и заминуваат. Ние остануваме и понатаму небаре ќе ни побегне оваа убавина.
Одлучуваме да продолжиме кон Љубаништа. Диви плажи и прекрасна вода на секој чекор. Застануваме на секоја од нив за да се избањаме – не можеме да се заситиме од оваа убавина.
Веќе е доцна и околу 15 часот езерото започнува да се разигрува. Се присетивме на легендата за ЗАУМ и решивме веднаш да се упатиме назад кон Трпејца – околу 30 минути веслање. Кога пристигнавме во Трпејца, езерото веќе не дозволуваше нормално управување со СУП поради високите бранови и силниот ветер.
ЗАУМ е едно од местата кое мора да го посетите – независно дали со СУП или со огранизирана тура.
Патеки во близина:
(наскоро)