Веливар – највисокиот врв на планината Дешат, Западна Македонија. Се наоѓа на билото на планината, а неговата надморска височина изнесува 2.373 метри. На самиот врв Веливар, минува граничната линија помеѓу Македонија и Албанија, заради што постои и полуразрушен граничен камен во вид на пирамида. Врвот Веливар претставува висок карпест и каменест гребен покриен со бујна и висока трева, кој се издигнува над билото и подгорието на Дешат во долината на Радика од македонска и неговото подножје во долината на Црн Дрим од алабанска страна. До врвот Веливар се стигнува со пешачење од околу 3 и пол до 4 часа од селата Битуше или Требиште или од селото Жировница, по целосно обележана планинарска патека која поседува и столбови со зимски маркации и минува крај Северното и Јужното Гашово Езеро веднаш во неговото подножје и езерото Локув во шумскиот појас. Од врвот Веливар се пружа прекрасна глетка кон долината на реката Радика со манастирот „Св. Јован“ – Бигорски и планината Бистра, соседните карпести врвови Голем и Мал Крчин со градот Дебар и Дебарското Езеро во позадината и планината Кораб од спротива, како и кон долината на Црн Дрим и гратчето Пешкопеја во Албанија.
Локув е ледничко езеро и е едно од петте езера на планината Дешат. Тоа претставува најниското ледничко езеро во Македонија. Се наоѓа на 1.565 метри надморска висина во близина на селото Требиште. Езерото Локув е сместено во густа букова листопадна шума, која го опколува од сите страни во подгорието на планината Дешат. Поточно, езерото е сместено во дното на една вдлабнатина во подгорието на планината над селата Битуше и Требиште.
Јужно и Северно Гашово Езеро се мали леднички езера кои се наоѓа на источните падини на планината Дешат непосредно под нејзиниот највисок врв Веливар (2373 м.н.в). Сместени се во мал дол и вдлабнатина на почетокот на самото тревнато било на планината Дешат веднаш над завршетокот на горскиот појас, во месноста Аргач. Јужното Гашово Езеро се наоѓа во изворишниот дел на реката Лопушник, на надморска височина од 1770 метри. Зафаќа површина од 423 м2, а најголема измерена длабочина изнесува 2,85 метри. Најголемата должина на езерото измерена по оската на протегање изнесува 65 метри, додека најголемата широчина изнесува 11,8 метри. Непосредно веднаш до него на само 1,5 метар раздалеченост се наоѓа Северното Гашово Езеро од кое е одвоено со мала земјена височинка покриена со трева. Езерото има издолжен облик во правец исток – запад и има постојан водостој при што не пресушува ниту се намалува во текот на целата година. Од него постои мала истека која со вода го напојува соседното малку поголемо Северно Гашово Езеро. Водите на езерото се бистри и чисти, а поради малата површина и длабочина брзо се загреваат и се проѕирни до самото дно. Поголемата длабочина која ја има ова езеро од соседното северно Гашово езеро, на неговите води дава убава потемно сина (тиркизна) боја. Од неговите води често пијат и пред стрижење се капат стадата овци кои се напасуваат по билото на Дешат. До езерото може да се стигне преку необележана патека која води десно од езерото Локув, низ шумата и пасиштето каде стои таблата на граничниот појас и стрмниот камен дол преку кој се излегува на билото на Дешат. Овие две езера кои меѓу народот се познати како Требишки вирови, бари или локви, првобитно биле означени како Северно и Јужно Требишко Езеро поради тоа што се наоѓаат во атарот и близината на селото Требиште, но на предлог на македонскиот хидрограф-истражувач Драган Василески изнесен во 1996 година тие се именувани со сегашните имиња во чест на македонскиот истражувач – хидрограф проф. д-р. Миливој Гашевски.
Извор: Wikipedia
Тура
(во подготовка)
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина:
с. Битуше – врв Веливар – с. Жировница (21 км)
- двете опции се вклучени во GPS линкот