Тура
Турата ја започнуваме од планинскиот превој Крстец кои ги дели планините Сува Гора и Осој. Од Скопје се возиме кон Тетово и пред Групчин кај Ново Село се упатуваме кон с. Седларево каде по изминати 40 км. по добар асфалтиран пат пристигнуваме на превојот Крстец. Во непосредна близина на патот се наоѓа врвот Крстец Тепе (Осој Планина). Го оставаме возилото на самиот премин каде постои можност за паркинг на 1-2 возила и се упатуваме по сртот на Сува Гора кон врвот Табахон. И покрај тоа што турата изнесува 6 км. во правец и висинска разлика од 1000 метри, сепак движењето по неразгазена патека на снег каде снежните наноси на одредени места изнесуваат и до 80 см. во голема мерка ни го отежнува искачувањето кон врвот.
На повеќе места на почетокот од патеката забележуваме маркации но како се движиме нагоре маркациите се целосно покриени од снег. Кога се движиме по трасирана планинарска патека или по разгазен снег, истото го зимаме како вообичаен начин на освојување на планински врвови, но во оваа ситуација каде маркациите не се забележителни и покриени со снег, навигацијата и утврдување на патеката преставува дополнителен труд кој значително не забавува. Дополнително на тоа, се обидуваме да ги избегнеме пределите со снежни наноси кои значително ни го отежнуваат качувањето. И кога на сето тоа ќе го додадеме нашиот водич Марфи кои на моменти целосно пропаѓа во снег и се губи од хоризонтот, јасно ни беше дека не чека сериозен предизвик за да го освоиме Табахон.
По изминати 2 км. пристигнуваме на платото (висорамнина) кое се наоѓа во средишниот дел на планината и се протега се до самиот врв Табахон. Од тука постојат две опции: по северниот или по јужниот срт. Но поради големи снежни наноси, нашето движење се одвиваше по средишниот дел на платото и по делови кои беа во голем степен изложени на сонце и кои не поседуваат големи количини на снег. По изминати 5 км по изохипса на јужниот дел на сртот видлив е и врвот Табахон и карактеристичната дрвена ознака на врвот. Од платото започнува и последното искачување кон врвот со зголемена нагорнина и карпеста подлога. И покрај силниот ветер конечно сме на врвот: магични погледи кон Јакупица од западна страна, Шар планина, па дури и Бистра и Кораб.
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина: