Седларево – село во Општина Желино, во околината на градот Тетово.
Сместено е во сливот на реката Треска. Географски, Седларево припаѓа на областа Порече, но историски се води како дел од Полог. Селото се наоѓа во југоисточниот дел на територијата на Општина Желино, во непосредното сливно подрачје на реката Треска, а на падината на планината Сува Гора. Селото е планинско, на надморска височина од 1.240 метри. Од градот Тетово е оддалечено малку повеќе од 30 километри.
До селото се стигнува преку асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 1206 пред селото Групчин. Селото се наоѓа во горниот дел на повремен поток наречен Лока, кој е лева притока на реката Треска. Куќите во најголем дел се наоѓаат на стрмна долинска падина и се завртени кон југозапад.
Селото е доста старо населено место, бидејќи под истото име се споменува уште во XIV век, кога една четвртина од селото била во посед на некој Исак, кој својот дел го приложил на црквата „Св. Богородица“ во Тетово, а тоа во грамота го потврдил царот Душан. Во 1348 година, царот Душан, го приложил селото Седларево на манастирот Хиландар. Кон крајот на XV век Седларево веќе се споменува како село Хума Шах Султане, жена на Мустафа-паша, но не се знае сигурно дали се однесува на ова село или можеби на Горно и Долно Свиларе кај Скопје.
Пишани докази за Седларево се наоѓаат во турските пописни дефтери од XV век, односно од опширниот пописен дефтер бр. 12 за Скопскиот вилает од 1452/53 година, каде за селото е запишано дека во него живееле со 6 христијански македонски семејства кои произведувале пченица, јачмен, овес, ’рж, бостан, чувале свињи и пчели за што се остварувал севкупен обрт од приходи и давачки од 396 акчиња. Подоцна во XIV век во пописните дефтери од 1544 година Седларево имало 28 македонски христијански семејства, а во 1568 година биле регистрирани 33 христијански семејства. Во пописните дефтери од 1544 и 1568 година има податоци дека ова село заедно со селата Шишево, Кондово, Глумово и Калуѓерица ѝ биле доделени на жена му на Мустафа-паша како мулк од султанот Бајазит, која подоцна ги увакуфила при своето завие и турбето што ги изградила кај мостот во Скопје.
Староста на селото го потврдуваат и остатоците од старини и народната традиција. Околу селото се наоѓаат црквиште, христијански гробишта и Селиште. Тие се наоѓаат во непосредна близина и тоа во северниот дел на селото. Околу 1914 година, општински службеници од Седларево ги откопале гробиштата и тогаш биле пронајдени коски, плочи и остатоци од ѕидови. Црквата се наоѓала кај Гулевски Куќи. Северно од селото некогаш се наоѓало средновековното село Крушица, кое припаѓало на манастирот „Св. Андреј“ на Треска.
Денес, во селото живее доселено муслиманско население од Горна и Долна Река. По денешните родови, селото е старо 150-160 години. Кога дошле доселениците во селото затекнале православно македонско население, кои подоцна потполно се иселиле. Од старинците останал стариот назив на селото, местоположбата и некои топоними.
Извор: Wikipedia
Тура
(во подготовка)
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина: