Бељаковски манастир – манастир во северниот дел на Македонија, во селото Бељаковце. Манастирот се наоѓа во јужниот дел на атарот на селото и до него се стигнува преку земјен пат, кој започнува од главниот регионален пат 29277, кој поминува низ Бељаковце. Тој е сместен во една долина на источните падини на Мургашки Рид, обраснат со нискостеблеста шума и грмушки, а во непосредно соседство се селата: Довезенце, Мургаш, Пезово и Коњух.
Во склоп на манастирот влегуваат една црква, чешма, конаци и помошни објекти. Црквата е единствениот храм во манастирот. Голема црква посветена на Свети Георгиј која претставува трокорабна градба со осмострана купола и седмострана апсида, а ѕидана од убаво обликувани камени блокови и камени украси и фигури на фасадата. Според некои извори, на местото на денешниот манастир порано имало постар храм од XIV век кој бил срушен во 1689 година. Кон крајот на XIX век тука се наоѓало „манастириште со црква во урнатини и една куќарка во која живееле калуѓери“. Околу 1885 година, Стојан Стоилковски-Роле, жител на Бељаковце, започнал да собира прилози за обнова на манастирот и на тој простор, во 1892 година почнало да се гради нова црква од мек делкан камен наречен корнишор, според месноста над манастирот од каде што е ваден и донесен. Веднаш потоа се работело на живописот во црквата, а биле подигнати и згради кои се неопходни за манастирскиот живот. Меѓу двете светски војни, од 1920 до 1934 година во манастирот дошле и живееле калуѓери од Русија. Се споменува дека во тоа време манастирот бил најуреден и богат; имал околу 30 хектари земја, 150 овци, 50 кози, 20 грла говеда и 10 коња. По заминувањето на калуѓерките и наглото иселување на народот од селото, почнувајќи од 1970 година, животот во манастирот полека замира и за него се грижеле само по некој стар човек задолжен од селото.
Големо Градиште – утврдена населба од доцноантичкото време и средниот век. Поради бројните остатоци од големи и значајни објекти на значително големо подрачје, археолозите и историчарите претпоставуваат дека на ова место се наоѓал древниот град Транупара, обележан во познатата карта Појтингерова табла и споменуван во доцноантичките и средновековни записи. Со своите 17 хектари површина, Големо Градиште кај с. Коњух е најголемиот и досега најдобро истражен град од 6 век во североисточниот дел на Македонија.
Кружна црква – Ротонда (Мартириум) – Во подножјето на Големо Градиште уште во 1919 година бил откриен црковен објект кој има посебно значење за истражувањето на почетоците и на развојот на црковната архитектура во Македонија. Забележан е од Никола Вулиќ и подоцна од С.Радојчиќ кој во 1952 година ги објавил неговите генерални податоци. Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата во 1989/90 година извел извесни ископувања заради податоци за изготвување на елаборат за конзервација. Конзерваторски мерки досега не се преземани, па објектот и понатаму е изложен на наворешните влијанија.
Цоцев Камен (со напоредни називи Трон или Пешта) — вулканска карпа која во праисторијата се користела како мегалитска опсерваторија. Се наоѓа во атарот на кратовското село Шопско Рударе, поточно во близина на маалото Цоцевци и селото Коњух. Самата карпа се издвојува од околните ридишта е интересна сама по себе. Видливи се и остатоци од човечка обработка.
На стотина метри источно од Цоцев Камен се наоѓаат мегалити кои служеле како сончеви и месечеви нишани. На врвот на карпата се наоѓа престол свртен на исток кон нишаните, од каде што може да се следи во која точка изгрева Сонцето и Месечината и според тоа да се формира сончев календар. Мегалитите имаат дополнителни врежувања врз нив и во непосредна близина се најдени изработени месечиви во голема димензија, што претставува сведок за тоа дали еден објект претставува опсерваторија.
Се верува дека карпата е користена за посебни ритуали, според вдлабнатините во неа, во вид на катно поставени пештери, со платоа пред нив, со камен престол, седишта, остатоци од скалила и со базени за ритуално капење. Тука биле изведувани ритуални танци со принесување жртви на боговите на виното и плодноста. Во една пештера има со црвена боја нацртани симболи на човечки, животински, геометриски и недефинирани мотиви. Стотина метри источно од карпата се забележуваат исправени камења, односно мегалити или ориенти по кои се одредувала сончевата и месечевата позиција. На врвот на карпата е престолот, свртен кон исток, од каде се набљудувале сонцето, месечината и ѕвездите. Опсерваторијата се одржувала од каменото време, па во неолитот и во бронзеното време. Светилиштето се смета дека згаснало неколку века по новата ера.
Вредноста на Цоцев Камен е откриена во 1971 г. Не постојат цврсти научни докази дали станува збор за праисториска мегалитска опсерваторија. Некои истражувачи сметаат дека е единствен локалитет во светот кој има и светилиште, жртвеник, и опсерваторија.
Постои легенда за „ѓаволското око“ на Цоцев Камен која вели дека луѓето кои живееле во пештерите биле многу сложни и работливи. На врвот живеел ѓаволот кој им наредувал, но тие не го слушале. Кога се појавиле парите, ѓаволот им рекол: „Досега јас одлучував кој да живее, а кој да се отепа, а отсега парите ќе ве командуваат и ќе ве отепуваат.“
Тура
(во подготовка)
Велосипедски патеки во близина:
Планинарски патеки во близина: