Дуфскиот Водопад – водопад по течението на Ростушка Река, во близината на селото Ростуше. Водопадот е висок околу 23,5 м. Водопадот се наоѓа во близината на селото Ростуше, на падините на планината Крчин, каде што е сместен во густа шума. Тој претставува ерозивен водопад кој е создаден како последица на регресивното всекување на речното корито на Ростушка Река. Според геолошката структура, најзастапени се карбонатните карпи. Вкупниот вертикален отсек на водопадот изнесува 23,5 м, а подинскиот дел содржи џиновски лонец. Водопадот е полноводен во текот на целата година, при што протокот е двојно поголем во текот на зимата, а во просек изнесува околу 90 л/с. Водопадот се наоѓа на лесно достапно место и за да се дојде до него не е потребен голем физички напор. До него води обележана пешачка патека во должина од илјада и дваесет метри, така што, доколку се пешачи со просечно темпо, до водопадот се пристигнува за половина час. Од половина пат, патеката води по кањонот на Ростушка Река, кој на некои места е длабок и до 100 метри. На крајот од кањонот се наоѓа водопадот, скриен позади карпите, со висина над 25 метри. На местото е поставена алпинистичка опрема со која посетителите може да се искачат по карпите што го обиколуваат водопадот. За посета на оваа природна знаменитост се наплаќа влезница од 50 денари, со која се добива и брошура за водопадот, како и услуга од туристички водич.
Бигорски манастир Свети Јован Крстител (или Свештена Бигорска Обител) – манастир кој се наоѓа на патот помеѓу Гостивар и Дебар во непосредна близина на селата Ростуше, Битуше, Велебрдо и Требиште, по течението на реката Радика во Западна Македонија. Според Бигорскиот поменик, манастирот бил основан од страна на монахот Јован во 1020 година, а во XVI век манастирот бил разрушен од страна на отоманската власт и од целиот комплекс останал само како мала црква. Од помениците исто така се дознава дека манастирот бил повторно обновен во 1743 година, од страна на јеромонахот Иларион кој бил и првиот игумен на Бигорскиот манастир во поново време. Името на манастирот доаѓа поради фактот што објектот бил изграден од бигор. Бигорскиот манастир го сочинуваат манастирската црква која е посветена на Јован Крстител, костурницата, сместена до самата црква, сејменската одбранбена кула, комплексот манастирски конаци, како и новоизградените гостински конаци.
Во манастирскиот комплекс има отворено „Галерија на икони“. Во галеријата има изложено околу седумдесетина икони и истите датираат од XII век, XIII век и XIX век. Галеријата започнала со икони од првата половина на XVII век, и се проследени со Христовиот живот од благовештението, од рождеството, крштевање Христово, преображение, влегувањето во Ерусалим, распнувањето, воскресението, вознесението и успението на Пресвета Богородица. Во притворот на црквата во 1871 година се наоѓале фреските на Св. Климент Охридски, Св. Наум, Св. Јован Владимир, Свв. Кирил и Методиј, Св. цар Борис и Св. цар Иван Шишман Бугарски. Според бугарскиот новинар Светослав Терзиев, денес имињата на бугарските владетели Борис и Иван Шишман се преправени во Стефан Дечански и Лазар Хребељановиќ, за време на српската управа на Македонија 1913-1941 година.
Во манастирот Бигорски има остатоци од црквата што потекнува од XVI век, односно од XVII век и XVII век, од која сè уште се чуваат големите икони. Најстарите, поточно од XVI век се реставрираат во Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата. о комплексот на манастирот се снимени делови од македонскиот филм „Мис Стон“.
Успение на Пресвета Богородица – црква во долнореканското село Ростуше. Сместена е на неколку стотина метра од селото и до неа води исклучување од десна страна на патот кој води до селото Велебрдо. Познато е дека црквата била претворена во џамија од страна на муслиманското население на селото некаде во XIX век откако ја распалиле претходната градба и на нејзино место ја изградиле новата. Но, на 30 август 1918 година, џамијата повторно била претворена во православна црква со нејзиното старо име и во неа била служена литургија со 12 свештеници од околните села. Градбата на црквата претставува крстокуполен храм со две осумаголни куполи со различна големина. На секоја втора страна на обете куполи има по една монофора, доека на преостанатите страни има слепи ниши. Главната влезна врата страна е сместена на западната страна, над неа има празна ниша, а над нишата има слепа трифора во полукружна рамка. Спореден влез во црквата има и од јужната страна, над кој исто така има празна ниша. Слепи ниши се забележуваат на јужниот и северниот ѕид, додека слепи бифори има на ѕидовите од шестаголните крила и над нив. Градбата на источната страна има многуаголна апсида, а на секоја од трите надворешни страни има по една слепа монофора. Црквата е градена од бигор, додека цоклето е од камен. Објектот во целост е покриен со ќерамиди.
Извор: Wikipedia
Тура
Турата за започнуваме од с. Ростуше каде веднаш до старата џамија започнува уредена планинарска патека која води покрај Ростушка река. Патеката е уредена со дрвени огради и дрвени скалила, на одредени места стрмна но совладлива за сите возрасти. По вкупно 20 – 30 минути лесен хајк пристигнуваме до Дуфски водопад – магично место за уживање. Поголемиот дел од патеката е во сенка длабоко во кањонот на Ростушка река и на неколку места постојат дрвени маси и клупи за одмор и средување на впечатоците од оваа природна убавина.
И покрај тоа што оваа патека е прилично посетено место, и очекуваваме да платиме влезници за посета на оваа природна убавина, за жал присуството на надлежните изостанува.
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина:
с. Ростуше – Бигорски манастир (8 км)
с. Ростуше – Дуфски Водопад (2,5 км)
с. Ростуше – Св. Богородица (1 км)
- наведените опции се вклучени во GPS линкот