Галичица – нашата јужна убавица, планина која го дели Охридско од Преспанско езеро. Кога ја возевме турата Tour de Ohrid, или тура околу Охридско Езеро, се прашувавме зашто брегот на Охридското Езеро во Албанија е толку различен, вештачки, неприроден. Одговорот е прилично едноставен – Галичица. Поврзаноста на целиот екосистем со двете езера и Галичица е всушност единственото објаснување за природната реткост и убавина на овој регион. Затоа заштитата и зачувување е единствено можна со интегриран пристап кон целиот регионален еко систем. Но да се вратиме на турата..
Тура
Долго време оваа тура беше високо на нашата агенда. Помислата дека во еден ден може да се посетат нашите две најубави езера со велосипед едноставно будеше восхитување и задоволство. Тоа време не поседувавме Road-Bike велосипеди и немавме друг избор освен турата да ја извозиме со MTB велосипеди. Иако сме сведоци дека постои можност и за Road-Bike, наша топла препорака е сепак MTB (одредени секции имаат значителна стрмнина, и патот на одредени места е значително оштетен). Сепак изборот е ваш.
Пристигнуваме во Стење и ноќеваме во Хотел Рива. Стануваме рано наутро и го оставаме возилото пред хотелот – со надеж дека некој ќе се смилува да не врати назад (турата е во еден правец). По извозени 2 КМ по асфалтиран пат, се двоиме кон Национален парк Галичица – мир, природа, убавина. Совладуваме угорнина низ шумата и возиме осамени без некој сериозен напор. По изминати 8 КМ, го забележуваме ски-лифтот кој никогаш не проработе. По изминати 15 КМ, ја качуваме највисоката точка на преминот кај месноста Липана Ливада. Иако е месец Мај, на одредени делови од асфалтот постојат снежни наноси и до 2 м. – но со велосипед, совладувањето е повеќе од едноставно. По изминати 16 КМ пристигнуваме на видиковец – место идеално за фоткање со неверојатен поглед на Охридско Езеро. Од оваа точка започнува спуст до с. Трпејца – внимателно со брзината бидејќи на одредени места патот е значително оштетен.
Патеки во близина:
с. Стење – с. Трпејца – Охрид (51 КМ)