Вирово – село во Општина Демир Хисар, во областа Железник, во околината на градот Демир Хисар. Селото се наоѓа во југозападниот дел на Општина Демир Хисар, чиј атар се издига до сртот на Плакенска Планина. Селото е ридско, на надморска височина од 840 метри. Од општинското средиште градот Демир Хисар, селото е оддалечено 18 километри. Од север селото граничи со селата Слоештица и Мренога. На исток со селото Лесково. На југ со селото Церово. А на запад со селата Горно Крушје (општина Ресен) и со селата Плаќе и Свињишта (Општина Охрид).
Селото потекнува многу одамна, уште од римскиот период. Во турските тефтери се среќава уште од 1600 година. Селото се селело и денес постојат месностите Горно Вирово и Долно Вирово. Првото училиште се споменува дека било создадено уште во 1873 година.
Многу интересен е фактот поврзан со ова село за време на Илинденското востание. Пред 2 август четите се собрале во Вировската рудина кај чешмата Еврејка и од таму се упатиле за Смилево кога и го ослободиле. Во Вирово тогаш биле изработени неколку црешови топчиња кои биле употребени за време на востанието. Во Вирово била и работилницата – леарница за изработка на бомби и куршуми.
Вировската чета била приштабска задолжена непосредно за заштита на востаничкиот штаб на чело со Даме Груев. Во четата бил и Лозан Штрковски со неговиот брат Трајче. Тие учествувале и во одбраната на Смилево на 28 август 1903 година. Во Вировска Планина (на географските карти ја има како Плакенска Планина) за време на Илинденското востание се одиграла една од најголемите битки. По освојувањето на Смилево и Крушево од страна на Турците, востаниците и народот се повлекле во Вировска Планина. Со нив биле и Даме Груев и Никола Карев. Непосредно над подножјето на Вировска Планина востаниците формирале одбранбен бедем кој Турците и по неколку офанзиви и по огромни загуби не успеале да го пробијат. Вирово тогаш е по вторпат до темел изгорено.
Најзнаменит дел од Вирово се валавиците (за валање на рачно ткаено платно – сајак) и вировите (за валање на веленца – јамболии). Нив ги имало осумдесетина, а денес е останата една валавица т.е. валавицата на познатато валајчарско семејство на Велјан Штрковски. Иако се Штрковските валавици под заштита на Министерството за култура како „споменици на културата“ ништо не е направено тие да се заштитат. Валавиците потекнуваат уште од античко време. Теофраст, авторот на „Карактери“ кажува дека и татко му бил валавичар на платно. За Вирово и валавиците во 1967 година во Кан, Франција е прикажан документарен филм во режија на Мето Поповски, и сценарио на Петре М. Андреевски. Снимени се многу други документарни филмови за Вирово, за валавиците и валавичарите кои се прикажувани во многу земји во светот.
Археолошки наоѓалишта:
Гумниште — населба и црква од средниот век;
Долно Вирово — населба, црква и некропола од средниот век;
Св. Богородица — црква од средниот век;
Штеуни — доцноантички рударски јами; две окна се наоѓаат во близина на селото. Селаните раскажуваат дека се простираат сè до подножјето на месноста Еврејка, а од нив се ископувало железо, но и благородни метали. И денес во нивните окна се забележуваат дрвени потпир.
Цркви:
Црква „Св. Никола“ — главна селска црква;
Црква „Св. Петка“ — црква во селото;
Црква „Воведение на Пресвета Богородица“ — северозападно од селото.
Реки:
Вировска Река
Споменици:
Споменик за НОБ
Извор: Wikipedia
Тура
(во подготовка)
Велосипедски патеки во близина:
Планинарски патеки во близина: