„Св. Пантелејмон“ – манастирска црква во истоимениот манастир во с. Горно Нерези, на планината Водно, осум километри југозападно од Скопје. Манастирскиот комплекс е ограден со високи ѕидови, а во него се наоѓаат црквата изградена во македонски стил и манастирските конаци. На ѕидовите на овој споменик на културата е сочувано фрескосликарство, коешто по своите квалитети се вбројува меѓу врвните дострели на византиското сликарство од времето на династијата Комнини.
Црквата била подигната од византискиот принц Алексеј Ангел син на Константин Ангел и Теодора, ќерка на византискиот цар Алексеј I Комнин (1081 – 1118). За подигањето на црквата во 1164 година сведочи натписот на мермерниот надвратник помеѓу нартексот и наосот на црквата, а чија содржината вели: „Се разубави овој храм на светиот и славен Великомаченик Пантелејмон со средства на господинот Алексеј Комнин, син на перфирородна госпоѓа Теодора во месец септември индикт 13 година 6673 (=1164), при игуменството на Јоаникиј монах“
Црквата која е изградена во македонски стил, според своите димензии, спаѓа во редот на помалите цркви од типот впишан крст во правоаголен простор, односно комбинација со слободен крст. За градење на црквата бил употребен обичен кршен камен, изваден во околината на манастирот и тули, кои со големо мајсторство се претворени во полихромни површини што го нагласува впечатокот како објектот да израснал од една монолитна стена, која во горниот дел завршува со една поголема осмострана и четири помали четиристрани куполи.
Од времето на градењето на црквата во 1164 година до 1555 година, кога во овој крај се случил еден од посилните земјотреси, манастирот бил целосно сочуван. Какви биле и колку настрадале старите манастирски конаци не е познато, но за црквата со сигурност се знае дека ја загубила централната купола во којашто, може да се претпостави, бил насликан Исус Христос Седржител, со фигурите на пророците фланкирани од страните на осумте прозорци. Биле оштетени и некои од сводовите, во кои биле насликани композиции што ги илустрираат Големите празници. Работејќи врз новиот живопис зографите настојувале да го сочуваат секој квадратен сантиметар од стариот, подредувајќи го својот цртеж и композиција кон фрагментарно сочуваните фигури од стариот живопис. Овие настојувања посебно ги илустрира композицијата „Причестувањето на апостолите“ насликана во просторот на апсидата, каде што под некои од новонасликаните светители се распознаваат и делови од телата на светителите што биле насликани во рамките на стариот живопис.
Во втората половина на XIX век врз постариот живопис бил насликан нов кој бил дело на невешт зограф, и со кој целосно бил покриен стариот живопис. Во 1926 година повторно е откриен поголем дел од стариот живопис.
Извор: Wikipedia
Тура
Идеална кружна MTB тура на падините на Водно, комбинација од асфалт и оффроуд и далеку од викенд гужвите + бонус: Св. Пантелејмон. Веројатно повеќето од „точкарите“ Ви е добро позната оваа тура – но еве можност и за оние кои се подготвуваат на ваква авантура.
Турата ја започниваме од Скопје – Аеродром, возиме по градските велосипедски патеки (каде што ги има) и се упатуваме кон Горно Нерези. Од оваа точка сообраќајот е значително намален во споредба со главната делница за Средно Водно, и вистински уживаме во совладувањето на угорнината. И покрај тоа што Горно Нерези изобилува со „екстравагантни хациенди“, присуството на стада овци, крави и коњи сепак упатува на тоа дека сме во типична македонска рурарлна средина и изобилство од природа. Полека наближуваме до Св. Пантелејмон и се насладуваме во сенките во кругот на црквата и ги надополнуваме резервите со студена вода. Од Св. Пантелејмон продолжуваме кон Средно Водно, и летаме по патот без сериозни угорнини. Од Средно Водно продолжуваме по трим патеката по оффроуд подлога без значителен напор бидејќи поголемиот дел е спуштање и пристигнуваме на Маркови Кули – време за одмор и пауза на повеќето дрвени масички и клупи наместени во прекрасна сенка. Од Маркови Кули се приклучуваме на асфалтираниот пат за с. Сопиште од каде ја заокружуваме оваа прекрасна тура. Внимателно: од с. Сопиште веќе е евидентна гужвата и непочитувањето на восипедистите како учесници во сообраќајот.
Велосипедски патеки во близина:
Планинарски патеки во близина: