Неговото височество Голем Кораб – покривот на Македонија (и според нас највисокиот врв во екс Југославија: да не се лажеме, Фруктал веќе не пиеме :)
Кораб е една од планините која мора да стои високо на вашата Ту-Ду листа, неверојатна природа, водопади, планински езера, реки и глетки кои ќе ве остават без здив. На Кораб има повеќе патеки и врвови вредни за посета, за кои сигурни сме дека ќе бидат предмет на наша „обработка“, планината е прилично изолирана и на самата граница со Албанија.
Но да се вратиме назада на земја: патеката започнува од Караулата „Победа“ – Стрезимир. Од Скопје патуваме за Маврови Анови, кај браната се двоиме за Дебар и на крстосницата се исклучуваме десно кон север и по 11 км извозени по добар асфалтиран пат пристигнуваме на крстосницата каде се исклучуваме лево за Караулата „Победа“ – Стрезимир. Следува делница од 2 км земјен пат до караулата – делница која не е препорачлива за патнички возила (но доколку немате Offroad возило и не ви е жал за автомобилот, оваа делница може да се извози бидејќи висинската разлика изнесува само 150 м).
Друга опција: да почекате до 8-ми Септември?
Традиционалното искачување на Голем Кораб се организира по повод 8-ми Септември – Денот на независноста на Македонија. Оваа година (2021) би можело да биде на 05.09.2021 или 12.09.2021 (а може и да нема поради COVID) и зависи најверојатно од временските прогнози и проценка на организаторот ПСК Кораб и ФПСМ. За време на манифестацијата, со организиран превоз учествуваат повеќе планинарски друштва, екипи од Црвен Крст се грижат за нашето здравје, а чичко Љубо за расположението и пијалоците. Доколку учествувате, подгответе од 30 – 50 денари за влез во Националниот Парк Маврово + карта за превоз.
Стартот на патеката започнува од Караулата „Победа“ – Стрезимир и доколку одите соло, веројатно ќе треба претходно да се пријавите бидејќи се движите во погранична област. Кратко по поаѓање на 1,7 км пристигнуваме до изворот каде ги надополнуваме резервите со вода и до Нистрово Бачило од каде се зголемува успонот и се движиме внимателно на гребенот бидејќи патеката тука е лизгава и исполнета со ситни камчиња. По внимателно искачување на гребенот пристигнуваме на седлото на Кораб – глетка исполнета со врвови и пасишта. По точно 4,5 км, патеката кратко понира во седлото и врвот Голем Кораб е веќе во видно поле. По изминати 6 км, започнува финалниот успон кон врвот каде ги трошиме последните сили, но погледот од врвот на Македонија вреди за сите пари.
Некои од нашите планинарски друштва, патеката ја карактеризираат како тешка, и тоа е веројатно така не поради должината, тука поради висинската разлика која изнесува 1260 м. Наша препорака за да бидете на безбедна страна: внимателно следење на временските услови и поаѓање од караулата најдоцна до 8 часот наутро. Доколку не пристигнете до 13 часот попладне на врвот, задолжително вратете се назад. На тој начин ќе имате можност некој друг ден да си ги пробате силите :)
Во зимски услови, оваа патека може да ја посетите единствено со сертифициран водич или планинарско друштво. Внимателно: на најголемиот дел од патеката изостанува GSM сигнал.
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина:
(наскоро)