Месеците Март и Април се иделни месеци за турно-ски турите бидејќи денот е подолг и изобилува со сонце, а суровите зими се минато (годинава – 2021, баба Марта е нешто посурова :)
Планината Галичица со своите природни релјефни карактеристики е идеална за турно скијање во овој период поради фактот што со своите ували позиционирани на северната страна може да го задржи паднатиот снег до раната пролет во годината. Во тој контекст ја изведов и оваа турно-ски тура во средината на месец Март на преубавата нашаГаличица.
По тргнувањето од Охрид се движиме по регионалниот патен правец кој води кон св.Наум и Р. Албанија. Го изминувам магичното село Трпејца и патот се двои кај наплатниот пункт на Н.П. Галичица и продолжува по регионален пат Р-504 кој води кон Ресен – Преспа преку планината Галичица. Обично во зима овој патен правец се чисти од снег само во должина од 9 км до месноста Корита. Асфалтот на регионалниот патен правец се одржува редовно но сепак на некои места има ударни дупки и одрони од камења поради што препорачливо е внимателно управување со возилото. Среќа во овој период од годината голем дел снегот на патниот правец беше истопен па успеав лесно да стигнам со патничко возило до месноста Липана ливада и да се паркирам на тамошниот импровизиран земјен паркинг. Во спротивно во услови кога на Галичица има поголеми наноси од снег пожелно е да се дојде до месноста со соодветно Offroad возило опремено со соодветна зимска опрема (погон 4×4 и Offroad пневматици).
Безбедноста на прво место
Турно-ски турата како и секоја планинска тура носи свој ризик (зиме и лете) па затоа на почеток би сакал да укажам на безбедностните мерки и подготовки кои треба да се превземат пред отпочнување на секоја планинска тура.
Согласно прирачникот за водичи во планина една од целите на планинарската подготовка е планинарот да биде безбеден и да се врати дома здрав и жив. Самоспасувањето и спасувањето се постапки кои ги применуваме во случај на повреда, наша или на некој член од групата со цел да му се укаже прва помош на повредениот или да се премести до некое поудобно и побезбедно место каде што би се почекало пристигнување на спасителна екипа.
Во тој контекст задолжително е носењето на заштитна опрема ранец за лавини во кој се носи храна, 1 л. вода, топла облека (капа и ракавици), средство за ориентација (мапа, GPS, компас), мобилен (за SoS повик), сет за прва помош, бивак и термо ќебе! Се информирате од локалните планинари и мештани за можните места на лавинска опасност поради нивно избегнување. Кога се оди во групни тури потребно е дополнително да се понесе лопата, сонда за пребарување и трекер (електронски уред за лоцирање во случај на лавина). За заштита од сончевото зрачење кое е поинтензивно во овој период од годината треба да се понесат наочари за сонце со соодветна UV заштита и заштитна крема за лицето.
Турно-ски патека
Во најголем дел турно-ски патеката на Галичица се совпаѓа со патеката за пешачење од Липана Ливада до врвот Магаро на планината Галичаца. Турата е генерално гребенска и во најголемиот дел се протега по тврда и каменита подлога. Бафер-зоната на патеката е добро прочистена и проодна во делот од шумскиот појас каде што преовладува букова шума, додека над овој појас бафер-зоната не е составена од вегетација. Над шумскиот појас патеката претставува права линија која овозможува целосно уживање во скоро сите релјефни форми застапени во овој дел од планината.
По прикачување на опремата започнуваме да се движиме (пеш или со скии) од Липана Ливада која претставува благ наклон за движење нагоре по ливадата. Потоа се навлегува во околната букова шума која веќе претставува проблем за движење со ски опремата, пред се поради потребата од маневрирање на големиот наклон кој следи во горниот дел на шумата кој треба да се искачи со цик-цак движење (Kick-turn). Поради тоа најсоодветно е ски опремата да се прикачи на турно ранецот и шумата да се помине пеш.
Веднаш по завршувањето на шумската идила доаѓаме до чистина т.н. Зли Дол. Веќе имаме соодветни услови за движење со турно-ски опремата поради што на овој дел движењето го продолжуваме со прикачување на кожите на скиите и нивно монтирање на ски чевлите. Се движиме/лизгаме нагоре! Движењата по овој дел од патеката се континуирани и лесни, видно е наталоженото големо количество на снег кој се задржува на овој простор дури до месец мај во текот на годината. Умерениот наклон не бара движење во цик-цак. При движењето веќе се појавуваат и првите знаци на умор кои ги компензираме со фрлање поглед наназад кон волшебното Охридско езеро кое неуморно те следи и дава поттик во текот на целото движење на овој дел од патеката. Галичица е природен споменик на времето! Компактна е, голема, неподвижна но сепак преубава! Спретно, небаре метафизички те апсолвира и така полека стануваш дел од оваа големина.
На крајот на Зли Дол повторно доаѓаме до рамнина каде постојниот патоказ ни дава две опции за качување нагоре кон врвот на Магаро. Двете опции овозможуваат искачувањето до врвот Магаро да се изведе од запад по источниот гребен каде што патеката поминува покрај маркантниот метален радио рефлектор, а другата од јужната страна низ камениот суводол.
Патеката исто така минува покрај голем број историски локации, главно од периодот на Првата светска војна. Тука правам кратка починка со цел да ми се отрезни душата опиена од убавината на природниот амфитеатар на планината Галичица.
Одбирам нов правец на движење и тоа долж увалата под врвот Магаро логично поради нејзината исполнетост со снег потребен за ски опремата. На сртовите веќе е забележливо отсутен снегот , оддуван од силните ветрови кои владеат овде во текот на целиот период од годината. Со движењето во увалата на планината Галичица започнува поинтензивниот дел од ски турата. Сега движењето не е со ситиот интензитет и континуитет, и е проследено со прекини. Прекините се должат на лизгањето на скиите поради големиот нагиб на увалата. Кожите од скиите веќе ја губат контролата врз снегот, сега спретноста и техниката на движење го завземаат своето водечко место при движењето по стрмната падина. Се прибегнува кон цик-цак движење (Kick-turn) се одбираат помалите наклони за искачување. Полека но сигурно се движиме кон врвот!
На врвот
На врвот веќе сликата е целосно комплетна! Пред Вас сега како на дланка ви се појавува прекрасното Преспанско езеро. Околните природни релјефни карактеристики ти се чинат како да се публика во детски театар, а детото внатре во тебе искрено се радува на погледот од врвот кој е бескраен и восхитувачки боженствен! Очигледно задоволително пристигна наградата за повеќе часовното макотрпно искачување по дивата планина. Си дозволувате неколку минути починка. Mожност за медитација, внатрешна стабилност и мир! Врвот Магаро е на околу 1 км од Вас и се стига до него по блага височина. Дали ќе продолжите со турата до таму на Вас оставам!
Ги вадам кожите од скиите и ги пакувам соодветно во ранецот. Целта конечно е остварена, ја искачив Галичица со турно-ски опрема! Задоволително и со исполнето его се спуштам надолу со скијање оставајќи ја толку посакуваната трага во длабокиот снег пратен од љубоморниот поглед на грациозната Галичица.
Дипл. Инж. Горан Николовски
(Сертифициран Ски-инструктор и Ски-спасител)
Патеки во близина: