Овој пат се одлучивме да ги искачиме двата највисоки врвови на Скопска Црна Гора – врвот Пржар (1626 м.) и највисокиот – врвот Рамно (1653 м.).
Постојат повеќе можности и комбинации со цел да се искачат двата врвови и тука ќе опишеме неколку од нив.
Наједноставната и најлесна опција: Со патничко возило поаѓаме од селото Бродец кон с. Танушевци (локален патен правец P2239) – патен правец кој најчесто го користи локалното население и полицијата / војската. Од с. Бродец до подножјето на еден од двата врвови наречени Рамно (овој пат понискиот 1528 м.) вкупно ве делат 6 км на добар асфалтиран пат. Тука постои можност да го оставите возилото и да го искачите врвот Пржар – приближно 1,5 км. планинарска патека од западна страна. Поатрактивен начин е врвот Пржар да го искачите од источна страна преку Спирова Колиба (2 км.) или од врвот Црн Камен (3 км.).
За жал највисокиот врв Рамно е единствено пристапен преку асфалтиран пат, односно од селото Бродец кон с. Танушевци (локален патен правец P2239) – 8,5 км. Бидејќи на самиот врв е лоцирана воено-полициска инсталација, пристапот до самиот врв е невозможен. Но постои патека во должина од 2 км. по самиот срт каде е лоциран врвот Рамно која нуди прекрасен поглед на Скопска Црна Гора од северна страна.
Патеки во близина:
Две Реки – врв Рамно 1 – врв Пржар (13 км)
с. Бродец – Спирова Колиба – врв Пржар (5 км)
Спирова Колиба – врв Пржар (+ 2 км)
врв Црн Камен – врв Пржар (+ 3 км)
Спирова Колиба – врв Црн Камен (+ 1,5 км)
Наведените варијации ги содржи GPS датотеката.