Бродец – село во Општина Чучер-Сандево, во околината на градот Скопје. Според пописот од 2002 година, во селото живееле 3 жители. Селото Бродец се наоѓа на Скопска Црна Гора северно од Скопје оддалечено од градот Скопје околу 15 км. Според податоците на бугарскиот етнограф Васил К’нчов, селото во 1900 година имало 200 жители, Македонци христијани.
Бродечки водопади (Бучало) – водопади на Тршченски Поток, на околу 500 m источно од Бродец, на 950-1100 m надморска височина. Станува збор за десетина водопади со височина од 2,5 – 5 метри, наредени скалесто еден под друг, така што целата појава претставува слап. Од наведените, најпристапни и највпечатливи се 6-те водопади кои локалното население со заедничко име ги нарекува Бучало. Истите се лесно пристапни и до нив води патека која започнува од острата кривина на асфалтниот пат кон Рамно, на самиот излез од викенд населбата Бродец.
Бродечките водопади (или Бучало; Бучала), се наоѓаат во извонреден природен шумски амбиент. Функционираат во најголем дел од годината освен во изразито сушен период (обично август-септември). Најголем протек, односно најголемо количество на вода имаат од февруари до мај, кога се и најубави за посета. Според проценките, во овој период, протекот им се движи околу 20-50 литри во секунда, а во летниот период истиот опаѓа на 2-10 литри во секунда. Инаку, по својот постанок водопадите се настанати со селективна ерозија на шкрилците во кои има и слоеви од кварцити и кварцитни жили (кои се доста отпорни). Всушност, поради смената на карпи со различна отпорност и силната регресивна ерозија, целиот овој сегмент од Тршченски Поток има голем надолжен пад.
Тура
Оваа тура ја започнуваме од кривината на асфалтниот пат кон Рамно, на самиот излез од викенд населбата Бродец од каде започнува планинарска патека. На самата кривина постои можност за паркинг на едно до две патнички возила, и кривината е оддалечена приближно 1 км. од чешмата во село Бродец каде постои можност за паркинг на повеќе возила, и од каде поаѓа патеката кон Спирова Колиба.
За водопадите и патеката истражувавме долго време бидејќи локацијата е прилично непозната и затскриена и после долго време успеавме да пронајдеме патека која води поред повеќето водопади на Тршченски Поток и се спојува со патеката од с. Љубанци која води кон врвовите Чука и Црна Камен. Постои можност исто така и по оваа патека да стигнете до Спирова Колиба.
Внимателно: На првите 1,5 км. од патеката не постојат маркации и покрај тоа што постои планинарска патека, истата е обрасната со вегетација и движењето е прилично отежнато.
Поаѓаме од кривината и по изминати 300 метри притигнуваме до Тршченски Поток од каде се двоиме десно и се спуштаме 100-тина метри со цел да го посетиме најголемиот од Бродечките Водопади. Се враќаме назад и на крстосницата каде свртеме десно се упатуваме нагоре од десната страна на Тршченски Поток – тука внимателно бидејќи патеката е прилично обрасната и тешка за пронаоѓање. Се движиме од десната страна на Тршченски Поток и по 100-тина метри го преминуваме потокот и се движиме од левата страна. Тука поминуваме покрај прекреасен предел каде се нижат помали и поголеми водопади и по изминати 1 км. повторно го поминуваме Тршченски Поток и се движиме кон врвот Чука. По вкупно изминати 1,3 км. патеката се спојува со земјен трасиран пат кој води кон подножјето на врвот Чука и од каде уредно започнуваат планинарски маркации. Излегуваме од шумскиот појас и пред врвот угорнината значително се зголемува. По изминати 2,3 км. пристигнуваме на врвот Чука од каде се отвара прекрасна глетка на врвовите Црн Камен, Пупљак.. Движењето од врвот Чука до Црн Камен се одвива по сртот на планината и прилично лесно и едноставно за навигација.
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина: