• Должина во правец: 8,5 км
  • Тежина: 7/10
  • Време на искачување: 3,5 часа
  • Искачување со деца: 4 часа
  • Висинска разлика: 1.600 м
  • Почетна точка:

    Две Реки (с. Побожје)

Помош за навигација: повеќе во Совети
Карта со сите патеки

Две Реки – Скопска Црна Гора

Оваа тура ја започнуваме од месноста Две Реки кое претставува познати излетничко место. Месноста Две Реки се наоѓа над село Побожје на локалниот пат с. Побожје – с. Бродец. Тоа е всушност место каде Воденички поток и Изворски поток ја формираат Побушка река која понатаму се влева во Радишанска река.

Тура

Доколку поседувате авантуристички дух, не се плашите од инсекти и гасеници, како и од диви животни, оваа патека е за вас. Од разбирливи причини нема да откриеме кои диви животни ги видовме на оваа тура, со цел да не собираме ловџии, оставаме на вас да откриете. Веднаш на почетокот се движиме по патека со зголемена угорнина и слаба вегетација изложени на сончевите зраци а потоа навлегуваме во прекрасна шума. Маркациите на патеката се значително стари и тешко забележливи и движењето е прилично тешко бидејќи патеката е целосно обрасната, но дивината не маѓепсува. Краток дел од патеката се движиме по течението на Изворски поток а потоа патеката скршнува кон Воденички поток и селото Бродец. Конечно по изминати 2,7 КМ пристигнуваме кон периферните викендици од село Бродец и продолжуваме по земјен пат кон водопадот Ровина на Воденички поток. Патеката тука е навистина живописна низ стара висока шума по течението на Воденички поток и повеќе извори кои се влеваат. По изминати 2 КМ пристигнуваме до водопадот Ровина и продолжуваме нагоре по течението на Воденички поток каде што се редат повеќе помали слапови и водопади. Патеката тука е во дебела сенка и движењето претставува вистинско уживање. На самата патека, мештаните ископале две големи дупки со цел да спречат движење на дрвокрадци, но истите не претставуваат пречка за планинарите.

Постои и скратена верзија на оваа тура од селото Бродец, каде од селската чешма до водопадот Ровина ве делат вкупно 2,5 КМ – патеката е вклучена во ГПС записот.

Две Реки – с. Бродец (2,7 км)
с. Бродец – Водопад Ровина (2,5 км)
Водопад Ровина – врв Рамно (Гнојано) (2 км)
врв Рамно (Гнојано) – врв Гороглед (2 км)

  • наведените опции се вклучени во GPS линкот