Крушево (влашки: Crushuva) – град во западниот дел на Република Македонија, во пазувите на Бушева Планина. Тој е градот на некогашната Крушевска Република. Над градот се наоѓа познатиот споменик Македониум. Со 1.220 метри надморска височина, Крушево претставува единствениот планински град во Македонија и највисокиот град на Балканот. Градот Крушево претставува административно седиште на истоимената општина.
Крушево лежи на западниот планински раб на Пелагониската Котлина, во изворишниот плиток долински дел на Крушевска Река. Оваа река го дели градот на два дела: поголем на левата и помал на десната страна. Куќите во градот се поставени амфитеатрално. Поради специфичната морфопластика, Крушево се смета за типично планинско гратче, кое има просечна надморска височина од 1350 метри, па затоа се смета за највисокото гратче на Балканскиот Полуостров. Оддалечено е 25 километри северно од Демир Хисар, 32 километри западно од Прилеп и 52,5 километри северно од Битола.
Крушево првпат се спомнува во историските извори од 1467 година, како мезра т.е. село во состав на имотот на Хусеин бег. Во Слепчанскиот кодик што калуѓерите го воделе од 1544 г., се споменува името Крушево коешто се однесува на сегашнава населба. За време на турското владеење, Крушево било мало словеногласно село, а на крајот од XVIII век истото припаѓало на Ќерим бег од Охрид, на кого населението на Крушево му плаќало данок сè до 1847 година.
Крушево, како развиена и организирана градска населба била создадена во крајот на XVIII век и почетокот на XIX век. За создавањето на Крушево како градска населба, значајно е доселувањето на Власите од Москополе и неговата околина од 1769 до 1788 година и го основале Влашкото Маало. Во почетокот на XIX век во периодот од 1812 до 1821 година се доселила втора група Власи, но сега не од Москополе, туку од планината Грамос. Тие основале ново маало наречено Струнга. По занимање главно биле сточари и го развиле сточарството. Во исто време од јужна Албанија во Крушево дошле и група православни Албанци кои лево и десно од Крушевска Река го основале Арнаутското Маало. Истовремено од околните села се доселиле и голем број Македонци сточари од мијачките села: Галичник, Лазарополе, Тресонче, Гари и др. кои го основале Мијачкото Маало.
Власите, познати како успешни неимари, трговци, кираџии, занаетчии и печалбари, добро ја организирале својата работа во новата населба, а доселените Мијаци од реканскиот крај, надалеку познати и успешни градители, резбари, зографи и иконописци се вклопиле во процесот на економски и културен развој на населбата.
Економскиот подем влијаел позитивно и на урбаната заедница, така што во првата половина на XIX век, Крушево добива карактер на градска заедница. До 1845 година, Крушево било чифлик со кој раководеле наследниците на беговите Керим и Рустем од Битола, но истата година неколку богати и угледни крушевчани, собрале околу илјада турски лири и го откупиле чифликот. Според документот за оваа купопродажба, во градот било забрането да се населуваат муслимански семејства.
Извор: Wikipedia
Тура
(во подготовка)
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина:
Крушево – врв Стара Мусица – врв Козјак (8,5 км)
- двете опции се вклучени во GPS линкот