ТУРНИ-МЕ на ТУРНО
Нашата прва Турно-Ски тура!
Веќе подолго време размислуваме и мечтаеме за нашата прва турно-ски тура. Овој нов вид на спорт кој во себе ги вклучува планирањето и скијањето долго време стои високо на нашата агенда. Како искусни скијачи и планинари се надевавме дека единствен предизвик ќе ни претставува опремата. И тоа е делумно точно: опремувањето беше вистински кошмар. Специјалните турно скии, везови (FRAME ALPINE TOURING или TECH ALPINE TOURING везови), чевли и кожи чинат вистинско богатство за нашиот скромен стандард, и кога на тоа ќе ја додадете облеката (лесни soft-shell јакни, пантолани и ракавици), целата прикаска навидум изгледаше како невозможна мисија.
Но упорноста е наша добра страна, и еве сме на нашата прва тура. За техниките на турно-скијањето црпевме информации од повеќе извори, но едно е теорија, а нешто сосема друго е пракса. На нашата прва тура ни стана една работа многу јасна – „имаме уште многу фурни леб за јадење“ додека сериозно го совладаме овој спорт. Но што е тука толку тешко, нели сме добри скијачи?
- Начинот на движење на угорнина / цик-цак и избегнување на стрмни угорнини
- Одржување на балансот при качување / употреба на помошните аголни поддржувачи од задниот дел на турно везовите (1 / 2 степени)
- Качување / спуштање во длабок снег / замрзната подлога
- Промена на модусот од качување во симнување (и обратно)
Полека но сигурно ни станува јасно дека турно-скијањето е следната напредна фаза која треба да ја совладаме. Ако сте добри скијачи и ги имате совладано напредните техники на овој спорт, турно-скијањето е следниот чекор доколку сте подготвени за предизвици.
И покрај тоа што во нашата скромна планинарска кариера ги имаме совладано повисоките врвови на нашите планини, на оваа наша прва турно тура успеваме да совладаме приближно 2-3 КМ. Тежината на опремата, угорнината и нашето неискуство во овој спорт го имаа главниот збор. Иако целиот овој текст изгледа како едно големо разочарување – напротив, се радуваме на новиот предизвик и времето кое ќе го поминеме на нашите прекрасни планини се додека не ги совладаме техниките за една сериозна и успешна турно-ски тура. А локации за тоа имаме во изобилство.
Во меѓувреме, додека „вежбаме“, за поискусните ја објавуваме оваа прекрасна турно-ски тура на падините на Бистра.
Патеки во близина: