• Должина во правец: 50 км
  • Тежина: 8/10
  • Време на искачување: 7 часа
  • Искачување со деца: /
  • Висинска разлика: 850 м
  • Почетна точка:

    с. Маврови Анови

    Кружна тура: с. Маврови Анови – с. Врбен – с. Богдево – с. Бродец – с. Стрезимир – с. Трница – с. Маврови Анови

Помош за навигација: повеќе во Совети
Карта со сите патеки

Горна Река (албански: Reka e Epërme) — географска и етнографска област која го зафаќа северниот дел од Реканскиот Регион, односно горното течение на реката Радика, во Западна Македонија. Нејзината територија административно им припаѓа на општините Маврово и Ростуше и Гостивар. Подрачјето е населено со муслиманско и православно христијанско население со албански како мајчин јазик, познато под името Шкрети, главно со македонско и во помал дел со албанско самосознание.

Горна Река е изразит планински предел ограничен од планините Кораб на запад, најјужната огранка на масивот на Шар Планина — Ничпурска Планина на север и Бистра на исток, додека на југ е отворена кон долината на Радика, но како пределна граница со Долна Река ја има клисурата Барич. Пределот е изразито алпски и суров со пасишта и говеда. Во поново време, најголемо населено место е селото Врбјани. Областа претставува изолирано и неразвиено подрачје со ограничени комуникациски врски, така што пристапот до него е отежнат во снежни услови за време на зимските месеци.

Реканскиот Регион е поделен на три дела, и тоа: Мала, Долна и Горна Река.

Горна Река се граничи со Косово на север и Албанија на запад. Областа претставува планинско подрачје со алпски пасишта кои се сместени во горниот тек на реката Радика, а потоа продолжува како Долна Река сè до месноста Бошков Мост, блиску до вливот на Мала Река. Северна и североисточна граница на Горна Река е планината Враца во склоп на Шар Планина, која се протега во близина на Ничпурската Планина со највисок врв Лера (2.194 м). Северозападната и западната граница на областа се движи долж планината Кораб со највисок врв Голем Кораб (2.753 м). Тесниот превој меѓу планините Кораб и Шара на надморска височина од 1.920 м овозможува комуникација и заемодејствие со етно-географската област Гора. Низ овој превој, кој ги поврзува тромеѓниот врв Шерупа (2.092 м) и планината Враца поминува најпогодната комуникациска врска (автомобилски пат, пешачки и козји патеки) меѓу историското село Штировица во најсеверниот дел на Горна Река и селото Рестелица на јужниот раб на областа Гора во Косово.

Јужната граница на областа е десниот брег на Радика меѓу селата Врбјани во Горна и Жировница во Долна Река, која ги отсликува комуникациските и географски ограничувања меѓу двете области поради планината Кораб. Патот кој ги поврзува овие две села претставува главен вид на комуникација меѓу двете области во подрачјето кое се простира сè до Дебар. Источниот дел од јужната граница се простира лево од долината на Радика и во тој дел е сместена планината Бистра со највисок врв Меденица (2.163 м). Источниот пат кој се вкрстува со останатите патишта кај селото Волковија започнува од селото Врбен на источната граница на Горна Река. Патот понатаму продолжува до селото Маврови Анови и Мавровското Езеро, а понатаму продолжува кон градот Гостивар. Освен главното течение на Радика, низ Горна Река течат нејзините притоки Длабока, Бродечка и Рибничка Река.

Горна Река е единствената област во Македонија која се одликува со студена алпска клима. Поради големата надморска височина, оваа област е изложена на ветрови кои дуваат од различни правци. Областа е изложена на невремиња, главно во текот на летото, додека врнежите од дожд, мразот и појавата на град се јавуваат во склад со сезонските временски услови. Зимите се долги со големи количества на снег, додека останатите годишни времиња се кратки. Снежните врнежи започнуваат кон средината на есента, а се задржуваат сè до средината на пролетта. Поради снежните врнежи, Горна Река често е комуникациски изолирана област за време на поголем дел од годината, така што односите со соседните подрачја се значително ограничени, а понекогаш дури е невозможно да се пристапи до него.

Поголемиот дел од Горна Река, заедно со Долна Река, е дел од националниот парк Маврово. Одделни делови на областа сè уште содржат шуми со стари и автохтони видови на бука, особено во долината на Длабока Река и северниот дел од долината на Радика. Некои делови од шумата биле исечени во текот на 1950-тите за да може да се отвори пат за изнесување на стоката на пасиштата. Горна Река, исто така, е дом на критично загрозениот балкански рис. Се смета дека во овој регион се наоѓаат помалку од 100 единки.

Извор: Wikipedia

Тура

(во подготовка)

Манастир Свети Јован Бигорски (+ 15 км)

  • Наведените опции се вклучени во GPS линкот