Кокино – мегалитска опсерваторија која се наоѓа во атарот на општината Старо Нагоричане, на оддалеченост од околу 75 километри од Скопје, односно 35 километри од Куманово. Таа е поставена на врвот „Татиќев камен“, а името го добила по блиското истоимено село.
Опсерваторијата Кокино се наоѓа во атарот на општината Старо Нагоричане, на оддалеченост од околу 75 километри од Скопје, односно 35 километри од Куманово. До неа води асфалтен пат, а последните 500 метри треба да се пешачи за да се стигне до самата опсерваторија. Таа е поставена на врвот „Татиќев Камен“, на надморска висина од 1.030 метри. Таа е датирана во 1800 г. п.н.е., односно раното бронзено време, а се протега на површина од 5.000 квадратни метри.
Мегалитската опсерваторија се наоѓа на неовулкански рид. Карпите се создадени со стврднувањето на лавата, која истекла од вулкански кратер. Времето и ерозијата направиле процепи и дел од тие процепи биле главните маркери низ кои се следеле циклусите на Сонцето и Месечината и се мерело времето.
Седумте камени маркери во минатото ги означувале местата за изгревање на Сонцето и Месечината во периодите на кусодневица, рамнодневица и долгодневица, како и нивните отклони. Сонцето, всушност, само на рамнодневиците – на 21 март и на 21 септември — изгрева точно на исток и заоѓа точно на запад. Потоа, постепено има отклонување кое изнесува до 45 степени.
Местата на изгревање кои се опфаќаат со природните маркери на мегалитните стени во Кокино укажуваат дека изгревањата на исто место на Сонцето се повторуваат на 18,6 години. Веројатно некои членови на племенската заедница имале задача секојдневно да ги следат движењата на небесните тела и да прават календари за одредување на деновите за ритуалните обреди, како и за започнување на сезонските работи во земјоделството и сточарството. Опсерваторијата е сместена на две скалести платформи од кои се следеле планетите. На горната платформа се пронајдени траги од неколку објекти и делови на керамика.
Според наодите на археолозите, на наоѓалиштето Кокино, всушност, немало живеалишта туку дека опсерваторијата воедно била и светилиште, а во процепите на карпите се ставале предмети наменети за нивните божества. Во наоѓалиштето има и еден вид престол, каде што, најверојатно, седеле старешините и водачите на племето. При откривањето на наоѓалиштето пронајдени се бројни артефакти (керамички чинии, амфороидни садови, камени секири итн.).
Опсерваторијата е откриена случајно во 2001 год. од страна на Јовица Станковски, а кон крајот на 2001 година биле започнати истражувањата од страна на Народниот музеј во Куманово. Истражувањата продолжиле во 2002 година, а првите астрономски мерења биле извршени во текот на летото и есента истата година. Најновите астрономски истражувања покажале дека од оваа опсерваторија биле набљудувани: ѕвездата Алдебаран, групата Плејади, како и Сонцето при пролетната и есенската рамноденица.
Мегалитната опсерваторија во Кокино се вбројува меѓу античките опсерватории во светот. Во 2005 година, американската вселенска агенција НАСА го вклучува Кокино на картата на 15 антички опсерватории заедно со Абу Симбел во Египет, Стоунхенџ во Велика Британија, Ангкор Ват во Камбоџа, Мачу Пикчу во Перу и други.
Извор: Wikipedia
Тура
(во подготовка)
Велосипедски патеки во близина:
Планинарски патеки во близина: