Карпински манастир или Воведение на Пресвета Богородица е манастирски комплекс сместен во близина на селото Орах, Кумановско во Источна Македонија.
Основан е во 14 век од страна севастократор Дејан зет на Српскиот цар Стефан Душан. Денешниот изглед на манастир e од 16 – 17 век. Манастирот e бил обновен во 19 век. Манастирска црква e од 16-17 век посветена на Воведение Богородичино. Таа е изградена од обработен камен во форма на триконхос. Во црквата се забележуваат два слоја на фрескоживопис. Постариот слој е живописан во времето на нејзината изградба. Од овој период препознатливи се ликовите на Богородица со Исус Христос, што се наоѓаат во јужната конха, и на Теодор Тирон и Теодор Стратилат, во северната конха. Поновиот слој на фрески датира од крајот на 19 век век. Манастирските конаци за време на Втората светска војна значително настрадале.
Карпино е позната скрипторска школа од 16 век, според податоците од Институтот за македонска книжевност, во манастирот Карпино живееле над 300 калуѓери и тој важел како црковно – духовно и културно јадро за овој регион. Оригиналните ракописи, кои сега се наоѓаат во Москва, Софија и во Белград, сведочат за препишувачката школа и за постоење на ќелијно училиште. Всушност, Карпинскиот манастир за првпат се споменува во 1592 година, кога било напишано Карпинското евангелие, во кое во една преписка се вели дека тоа е напишано во манастирот Карпински, во храм Воведение на Пресвета Богородица, во лето 1592. Околу препишувањето на евангелието во 1592 се потрудил еромонахот Јоаникие. Во средината на XVIII век е напишан и Карпинскиот триод од чии ракописни белешки се дознава за историјата на манастирот како на пример дека во 1745 година во манастирот Карпино дошол еромонахот Стефан, запишано од ерејот Стојко од Нагоричино, додека од друга рака е запишано дека света книга пеел поп (папа) Димитрија од село Врбен во Дебарска каза. Карпинскиот триод денес се чува во Софиската народна библиотека. За најзначајни книжевни дела се сметаат Карпинското евангелие и Апостол со ирмологиум, кои сега се наоѓаат во Москва. Постојат и документи за 11 пергаментни ракописи, но и хартиени, како што се евангелија, апостоли, псалтири.
Карпински Езера се две мали природни езера, кои се наоѓаат на планината Козјак, поточно нејзините јужни ограноци, на 5 km северно од Страцин. Лоцирани се во две мали депресии, под врвот Манастирска Курија (1016 m). Станува збор за две мали езерца, кои поради вегетацијата што расне во нив (трска, шавар, трева) наликуваат на мочуришни езера. Двете езера се на меѓусебни растојанија од околу 700 m.
Долното Карпинско Езеро е поголемо и се наоѓа на надморска височина од 930 m. Има должина од 110 m, широчина од 65 m, а вкупната површина му изнесува 6100 m кв., односно 0,6 ha. Длабочината на ова езеро е главно помеѓу 0.5 и 1 m, а максимум до 1,5 m. Овие димензии се мошне променливи, во зависнот од годишното време, така што за време и по врнежи или по топење на снег, површината и длабочината се речиси двојно поголеми. Обратно, посебно во месец август и септември, речиси и да пресушуваат.
Горното Карпинско Езеро е 700 m на североисток и на надморска височина од 943 m. Издолжено е во правец исток-запад и во тој правец максималната должина му изнесува 90 m, додека максималната широчина му е 50 m. Вкупната површина на ова езеро изнесува 4400 m кв. или 0,4 ha. Длабочината му е најголема во пролетниот период, достигнувајќи до 1 m, а најмала е кон крајот на летото, кога е можно езерото речиси целосно да пресуши. Брегот на ова езеро е каменлив и претставен главно од андензитски карпи. Околниот терен, за разлика од Долното Карпинско езеро е оголен и карпест.
Двете езера се пристапни само по лош макадамски пат (со теренско возило) кој започнува од с. Орах и води до Карпинскиот манастир. Секако, до нив може да се стигне и по пешачки патеки, од правец на с. Страцин. Езерата се мошне богати со разновиден растителен и животински свет. Според положбата и составот на карпите, претпоставуваме дека најголем дел од водата во нив потекнува од врнежите, а мал дел, посебно кај Долното Карпинско Езеро и од подземните води. Бидејќи нема значителен постојан дотек на вода, овие езера имаат доста променлив водостој. Поради положбата каде се наоѓаат, надморската височина и составот на карпите, веројатно станува збор за т.н. денудациски езера. Како такви, тие се реткост во Македонија и треба да бидат сочувани.
Извор: Wikipedia / iGeografija
Тура
(во подготовка)
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина:
с. Орах (Е-871) – Карпински манастир (5 км) – Off-road 4×4
Карпински манастир – Карпински езера (1,5 км)
Карпински езера – врв Гоглин (7,5 км)
- наведените опции се вклучени во GPS линкот