• Должина во правец: 7,5 км
  • Тежина: 7/10
  • Време на искачување: 3,5 часа
  • Искачување со деца: 4 часа
  • Висинска разлика: 750 м
  • Почетна точка:

    с. Малотино

Помош за навигација: повеќе во Совети
Карта со сите патеки

Малотино – село во Општина Старо Нагоричане, во областа Козјачија, во околината на градот Куманово.

Населбата се наоѓа во областа Козјачија, во крајниот североисточен дел на територијата на Општина Старо Нагоричане, чиј атар се допира со државната граница со Србија. Селото е раштркано и има планински карактер, чии маала се издигаат на надморска височина од 600 до 840 метри. Од градот Куманово селото е оддалечено 36 километри.

Куќите на ова село се наоѓаат десно од Бистрица, притока на Пчиња. Селото е сместено на падините на планината Козјак. Околни села се: Рамно, Враготурце и Кокино.

Атарот зафаќа површина од 10,4 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 528 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 260 хектари, а на шумите 192 хектари.

Во Малотино се сретнуваат остатоци од различни епохи. Постојат гробишта, кои не биле на денешните жители. Овие гробови од страна на жителите се нарекувани „римски“. Народната традиција наведува дека на денешното село во турско време било „пустелија“. На целиот атар преовладувала дабова шума. Подоцна дошле денешните родови и почнале да ја сечат шумата, за да направат простор за нивните куќи, ниви и пасишта. Во текот на основањето, селото имало 6-7 куќи, крај коритото на Бистрица. Во XIX век, Малотино било христијанско село во рамките на Кумановската каза на Отоманското Царство.

Извор: Wikipedia

Тура

На една од претходните велосипедски тури од с. Старо Нагоричане до Манастирот Прохор Пчински, силен впечаток ни остави врвот Китка, бидејќи турата поминува веднаш под истиот врв на планината Козјак – Козјачија. И нормално – го чекавме следниот викенд за да ја реализираме оваа тура. Кога истражувавме за оваа тура заклучивме дека врвот Китка е достапен од две локации: с. Пелинце и с. Малотино – и изборот падна: поаѓаме од с. Малотино. Навидум, турата изгледаше прилично лесна: 4,5 км во правец и 600 мнв искачување, но на лице место се покажа сосема спротивното.

Поаѓаме од Скопје до с. Жегљане преку Куманово и с. Старо Нагоричане (приближно 66 км по добар асфалтиран пат). Кај с. Жегљане, асфалтираниот пат продолжува кон Кокино, додека кон с. Малотино продолжува земјен трасиран пат кој е соодветен и за патнички возила но на 1 км пред селото. Доколку се одлучите да продолжите до с. Малотино, во тој случај ви треба теренско возило 4×4. Ние се одлучивме да го оставиме возилото на 1 км пред селото и од тука да ја започнеме турата кон највисокиот врв на Козјак (Козјачија) – Вирови. Искрено планот не беше воопшто да одиме на врвот Вирови, но убавото време и прекрасниот Козјак си го направија своето.

Го одминуваме Малотино од источната страна и продолжуваме нагоре по земјен трасиран пат. Патеката е маркирана, но маркациите се прилично стари и слабо видливи. Во голема мерка се потпираме на нашиот GPS уред, што е делумно стресно и на моменти ја губиме насоката. На половина пат од турата завршува земјениот трасиран пат, и започнува планинарска патека. На оваа локација патеката се дели кон запад директно за врвот Китка и кон север за кружна опција кон врвот Вирови и назад по сртот кон врвот Китка. Патеката која оди директно кон Китка воопшто не ја забележуваме бидејќи делењето е целосно затрупано – веројатно од санација на земјениот пат и продолжуваме кон север каде следиме импровизирани маркации (црвено-бели ленти подврзани на гранките). За кратко го освојуваме врвот Вирови – највисокиот врв на планината Козјак – Козјачија и веднаш се упатуваме кон запад по сртот на планината кон врвот Китка. Движејќи се по сртот се насладуваме на прекрасното сончево време и магичните погледи кон север (Србија) и кон југ (Македонија). Во подножјето на Китка ги береме најубавите шипки кои некогаш сме ги сретнале – крупни, сочни и зрели и правиме планови за чај или џем. И конечно сме на врвот: се фоткаме на граничниот камен кој го симболизира врвот на Китка. Од врвот полека но сигурно ја фаќаме вистинската патека која води директно кон селото и јасно ни е зашто ја промашивме: маркациите се стари и избледени и почетокот е целосно закопан со камења и земја.

И покрај тоа што надморската висина на врвот Китка изнесува 1.211 метри, убавината на карпестиот врв и прекрасниот поглед кон Шар Планина, Скопска Црна Гора и Јакупица прават да се почувствуваш дека се наоѓаш високо над 2000 метри надморска височина. Бевме пријатно изненадени од убавината на Китка и околните врвови на Козјак, места кои се дефинитивно вредни за посета.

с. Малотино – врв Китка (4,5 км)
врв Вирови – врв Китка (3 км)

  • наведените опции се вклучени во GPS линкот