Цер – село во областа Железник, во Општина Кичево, на патот помеѓу градовите Кичево и Демир Хисар. До март 2013 година, селото било дел од поранешната Општина Другово, која била споена со Општина Кичево.
Селото се наоѓа во областа Железник, во крајниот југоисточен дел на територијата на Општина Кичево, чиј атар се допира со подрачјето на општините Македонски Брод, Крушево и Демир Хисар. Селото е планинско, на надморска височина од 1.010 метри. Од градот Кичево е оддалечено 22 километри. Селото е сместено во залив на некогашно езеро, а околу селото се наоѓаат планините Лубен и Баба Сач.
Се простира помеѓу планините Баба Сач и Лубен во областа популарно наречена Преку Турла, бидејќи во близина се наоѓа преминот преку малата планина Турла (стариот пат кон Кичево). Селото се протега во источниот дел на Церското Поле, кое претставува најголемо карстно поле во Македонија (површина 9,5 км2, должина од 7,5 км, широчина 3,7 км). Сместено е на надморска височина од 990 m до 1050 m, во подножјето на планината Баба Сач (1.695 м) од север и Лубен (1.764 м) од југ.
Низ селото минува Церска Река која низводно од селото понира и се движи во подземјето на Церското Поле. Заедно со неколку околни реки, Церска Река излегува на површина кај селото Железнец и го образува врелото на Црна Река. Иако административно селото е кичевско, сепак Цер е демирхисарско село.
Цер се наоѓа во претежно планински предел. Во неговата непосредна близина од северната страна се издига планината Лубен со осамениот и горделив врв Кафчел, висок 1762 метри. Врвот го зазема средишното место во западна Македонија. Од неговата височина се добива глетка на сите страни во Западна Македонија. Од овој врв може да се забележи: Пелистер, Кајмакчалан, Караџица, Шар Планина, Галичица, Кораб и Бистра. Двете планини – во непосредна близина на Цер имаат големи сличности. Нивните јужни делови се каменливи, но со одлични пасишта, а нивните северни страни се покриени со букова шума, посебно северниот дел на Баба Сач, познат под името Стрмол, каде опстојува големо богатство на стари букови стебла кои даваат посебна убавина.
Селото има доста голема историја. За него може да се каже дека е еден од поголемите револуционерни села во текот на османлиската власт. За време на Илинденското востание, селото е нападнато од турски аскер и башибозук, при што се опожарени 189 од вкупно 245 куќи и се убиени 13 души. За време на Битката кај Ѓургејца од ова село загинале: Спиро Зуноски, Стеван Крпачоски, Анѓеле Китески, Спиро Бурески, Јон Стаматоски, Ташко Тавоски, Стојан Кацески, Блаже Магдески, Никола Арминоски,Ристе Чавкоски, Вељан Крстаноски и Анѓеле Попоски.
На 24 април 1905 година во селото Цер, војводата Христо Узунов и неговата чета по долга и нерамна битка со османлискиот аскер, се самоубиваат не сакајќи живи да паднат во рацете на непријателот. Денеска таму се наоѓаат нивните гробови во посебно изградена спомен-гробница.
Археолошки наоѓалишта:
Селиште — средновековна населба;
Тареа Краста — доцноантичка тврдина; и
Црквиште — средновековна црква и некропола.
Цркви:
Црква „Св. Никола“ — главна селска црква;
Црква „Вознесение Христово“ — манастирска црква;
Црква „Св. Атанасиј“ — селска црква;
Црква „Св. Богородица“ — селска црква; и
Црква „Св. Петка“ — селска црква.
Реки:
Церска Река — извира на Бушева Планина, тече низ селото, а потоа понира во Церско Поле
Полиња:
Церско Поле — најголемо карстно поле во Македонија
Извор: Wikipedia
Тура
(во подготовка)
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина: