Вранештица – големо село во областа Долно Кичево, во Општина Кичево, во околината на градот Кичево.
Ова село се наоѓа во областа Долно Кичево, во крајниот јужен дел на Кичевската Котлина, недалеку од патот Кичево-Македонски Брод, во југоисточниот дел на територијата на Општина Кичево. Селото е ридско, на надморска височина од 660 метри. Од градот Кичево е оддалечено 12 километри, а од регионалниот пат Кичево-Македонски Брод само 1,1 километар. Селото се наоѓа во северното подножје на планината Баба Сач. Тоа е едно од најголемите и најпознатите македонски села во Кичевската Котлина. Селото има збиен тип. Постојат четири маала: Горно, Средно, Долно и Лево Маало. Од нив најголемо е Средното Маало. Роднинските куќи се групирани и поблиску една до друга. До Вранештица води асфалтен пат, кој се исклучува од регионалниот пат Кичево-Македонски Брод.
Вранештица се смета за стара населба во Кичевско и во неа постојат бројни стари македонски родови. Единствено се наведува дека порано селото имало разбиен тип, односно постоеле куќи и на месностите Стари Куќи, Куќине (каде што денес се наоѓа доцносредновековната црква „Св. Илија“) и други. Подоцна, Вранештица станало село од збиен тип. За самото село се поврзува и Вранешничкиот апостол, ракопис од XIII век. Во историските извори се сретнува под истото име во втората половина на XV век (1467/1477), кога броело 52 словенско-христијански куќи.
За време на турското владеење, мештаните многу страдале од муслиманските Арбанаси од демирхисарското село С’лп. Тоа село имало околу 60 куќи и неговите жители ги запоседнале сите пасишта и шуми на планината Баба Сач, но и најдобрите ниви во атарот на Вранештица. Освен тоа, на превојот Турла го контролирала сообраќајот Кичево-Битола. Тоа село при една буна во 1913 година било целосно уништено. Во XIX век, Вранештица било село во Кичевската каза на Отоманското Царство.
Археолошки наоѓалишта:
Градиште — средновековна населба и некропола; и
Кале — утврдување од доцноантичкото време.
Цркви:
Црква „Св. Никола“ — главна селска црква;
Црква „Св. Ѓорѓи“ — доцносредновековна црква и археолошко наоѓалиште, која воедно е и заштитен споменик на културата; Црква „Св. Илија“ — доцносредновековна црква и археолошко наоѓалиште, која воедно е и заштитен споменик на културата.
Споменици:
Споменик во чест на Ванчо Србаков во дворот на основното училиште
Извор: Wikipedia
Тура
(во подготовка)
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина: