Боговињско Езеро (месно: Богоњско Езеро) – најголемо од 27. леднички езера на Шар Планина, во Македонија. Езерото се наоѓа во сливното подрачје на Боговињска Река, односно самата река поминува низ езерото, сместено на надморска височина од 1.941 метар. Истото се протега во насока исток-запад. Езерото се наоѓа меѓу Брустовец (Бориславец) и Мала Смрека на 1.936 метри надморска висина. Во правец југозапад-североисток е долго 245 метри и широко 210 метри. Најголемата длабочина изнесува 2,2 метри. Има површина од 66.880 м2. Се наоѓа на карпест басен, со многу издолжен облик, со голема разлика во широчината, па по тоа се разликува од сите останати шарски езера. Од западниот дел на езерото започнува со широчина од 170 метри, потоа се проширува во средината, за на источниот дел да се сведе само на 10 метри. Во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“, македонскиот револуционер Ѓорче Петров, меѓу позабележителните шарски езера го наведува и: Езерце над селото Боговиње на Езерце Планина (Езерски Рид), од кое што и планината си го добила називот.
Боговињското Езеро има голем број на притоки кои се влеваат во него. Најголема и најпозната секако е истоимената Боговињска Река, која се влева во него и на спротивната страна се одлива, за да продолжи кон селото Боговиње, и на крај да се влева во Вардар кај селото Радиовце. Вода добива и од повеќе извори, кои некои се наоѓаат во ливадестиот дел веднаш до самото езеро. Во близина се наоѓаат и неколку водопади. Езерото ја губи водата преку испарување, подземно истекување и преку површинска истека. Поради честото капење на овците езерската вода е матна, но поради големиот број на притоки, водата сама се прочистува.
За Боговињското Езеро народни преданија во XIX век запишале Марко Цепенков и Ѓорче Петров. Според записите на Ѓорче Петров, постои предание, дека еден извор во селото Рашче (Скопско) на источните падини на планината Жеден и недалеку од Вардар го води своето потекло од ова езеро, за што како потврда на таа претпоставка месните луѓе ја наведуваат следната легенда: некој овчар на Шар Планина, како што си седел на брегот на езерото и си свирел на својот кавал, кога посегнал во чантата за да извади леб, го испуштил кавалот во езерото. Кога по некое време си отишол дома во Рашче, за чудо, тој го нашол својот кавал закачен на карпата. Потоа работата се разјаснила, кога му кажале дека кавалот се нашол на изворот, што покажува дека тој извор има некаква поврзаност со езерото.
Бело Езеро – ледничко езеро во Македонија, едно од 27. езера на Шар Планина. Езерото се наоѓа во сливното подрачје на Боговињска Река на надморска височина од 2.275 метри. Истото се протега во насока север-југ. Се наоѓа во Брустовичкиот масив заедно со Црното и Боговињското Езеро. Ова е едно од најубавите шарски езера, кое има постојан водостој, без разлика на атмосферските талози. Хранењето на езерото се врши со изворите кои се наоѓаат во неговата непосредна близина и со топењето на ледниците, додека пак се празни преку истека, која се влива во Боговињска Река. Негова карактеристичност е големата проѕирност на водата. Вкупниот обем му изнесува 540 метри и има елипсовидна форма. Има површина од 18.000 м². Се наоѓа на карпест басен, кој е опколен со прекрасни пасишта. Во езерото се влеваат неколку потоци и на самиот брег има многу извори, некои постојани, некои повремени. Еден поток се одлева и се влева во Боговињска Река. Езерото е постојано, не пресушува. Водата е кристално чиста.
Црно Езеро – ледничко езеро во Македонија, едно од 27. езера на Шар Планина. Езерото се наоѓа во сливното подрачје на реката Маздрача на надморска височина од 2.164 метри и претставува второ најголемо езеро меѓу Шарпланинските езера. Истото има неправилен облик и е издолжено во насока северозапад-југоисток. Се наоѓа во Брустовичкиот масив, на неговата јужна падина наспроти северната на која што заедно се наоѓаат Белото и Боговињското Езеро. Езерото лежи на надморска височина од 2.120 метри во карпест басен на еден цирк – длабодолинка која се наоѓа на јужната страна Бориславец (Брустовец). Длабнатината (циркот) во кој се наоѓа Црното Езер на север е ограничена од врвот Бориславец, на запад и југозапад од гребенот на висорамнината и врвот Рудока, од исток со еден гребен кој е висок 2.540 метри, а јужната страна е карпеста и безводна. На јужната страна Црното Езеро е заградено со моренски бедем висок околу 6 метри. До езерото може да се стигне по добро обележана планинарска патека која започнува од селото Ѓурѓевиште и продолжува кон врвот Рудока. Езерската вода е бистра со затвореносина боја. Поради поголемата длабочината и каменесто дно од далеку езерото има потемна (црна) боја, заради што е и наречено Црно Езеро за разлика од поплиткото Бело Езеро со тињесто дно. Вода добива од крајбрежните извори и од врнежи и топење на снегот, а ја губи со испарување и преку истоката наречена Матени (Матене) што се влева во реката Маздрача. Во минатото езерото било подлабоко, но со продлабочување на истоката од страна на жителите на селото Калиште, со цел да зафатат повеќе вода за наводнување, нивото на Црното Езеро, слично како Боговинското Езеро е снижено, а длабочината намалена.
Извор: Wikipedia
Тура
(во подготовка)
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина:
с. Ново Село – Брана на Боговињска река (3 км) – Off-road 4×4
Брана на Боговињска река – Боговињско Езеро (4 км)
Брана на Боговињска река – Црно Езеро (6 км)
Боговињско Езеро – Бело Езеро (3 км)
Бело Езеро – Црно Езеро (7 км)
Кружна опција со сите езера од браната (20 км)
- наведените опции се вклучени во GPS линкот