Светораче (познато и како Светорача) – мало село во областа Рабетинкол, во Општина Кичево, во околината на градот Кичево. Селото било познато и како Световраче, Световрачи или Свети Врач.
Се претпоставува дека името на селото дошло од некогашниот раносредновековен манастир „Св. Кузман и Дамјан“ („Св. Врачи“), кој се наоѓал во селото.
Селото се наоѓа во областа Рабетинкол, во Кичевската Котлина, во источниот дел на Општина Кичево. Селото е ридско, на надморска височина од 890 метри. Од градот Кичево е оддалечено 20 километри. Куќите на ова мало село се наоѓаат во самата долина на Рабетинска Река. Околни села се: Речани, Крушица, Козичино, Дупјани и Рабетино. Селото се наоѓа помеѓу планините Челоица и Песјак. Селото е поделено на две маала, Горно и Долно, кои се оддалечени околу 300 метри. Долното Маало е поголемо и позначајно.
Светораче е старо село во Кичевската Котлина. Под истото име се споменува во турските пописни дефтери во втората половина на XV век, кога имало 59 словенско-христијански семејства. На местото на селото некогаш се наоѓа средновековниот манастир „Св. Врачи“, кој ја заземал скоро целата земја во сливот на Рабетинска Река. Манастирот поседувал многу кози, овци, пчелни кошници, обработлива земја, како и шума. Козите биле чувани во Козичино, овците во месноста Шилеговац (денес маало на Козичино), додека пчеларниците се наоѓале во месноста Уљјаник во Речани. Манастирот бил уништен за време на отоманскиот период, но не се знае кога и како. По неговото уништување биле основани помали села, а дел од земјата ја зазеле и кичевските аги. Денешното село било обновено по уништувањето на манастирот. Прво се населиле три домаќинства во месноста Стари Куќи на левиот брег на реката. Од тие домаќинства потекнуваат денешните родови во Долното Маало (Кижевци, Богдановци и Ѓулевци). Но, ја напуштиле таа положба по поплава од реката. Горното Маало е основано од помлади доселеници. Во XIX век, Светораче било село во Кичевската каза на Отоманското Царство. Во учебната година 1900/1901 година во селото учителствувал македонскиот револуционер Ѓорѓи Сугарев. Во 1903 година селото било запалено од муслиманите во Кичевско, откако еден Арбанас Рамазан од Гарани зазел некои ниви во атарот на селото и бил убиен од комита.
Археолошки наоѓалишта:
Светораче — некропола од средниот век;
Св. Кузман и Дамјан — црква од доцниот среден век;
Цркви:
Црква „Св. Кузман и Дамјан“ — главна селска црква
Во минатото во селото постоел и манастирот „Св. Кузман и Дамјан“ („Св. Врачи“). Исто така, Јован Трифуноски наведува и средновековна црква „Св. Атанас“, веднаш до главната селска црква.
Споменици:
Споменик за загинатите борци во НОБ од областа Рабетинкол
Реки:
Патејчка Река — мала река, која се влева во Рабетинска Река во селото
Извор: Wikipedia
Тура
(во подготовка)
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина:
с. Светораче – врв Јошков Камен (5,5 км)
врв Јошков Камен – врв Коњарник (4,5 км)
врв Коњарник – Македонски Брод (11 км)
- наведените опции се вклучени во GPS линкот