Акција бр. 4 од серијалот #ајдеситенапланина: 8-те водопади на Камењанска река во срцето на Шар Планина.
Патеката е долга 4 км. со висинска елевација од 450 м., што ја прават лесно совладлива за сите возрасти. Поголемиот дел е во сенка, уредена со дрвени мостови, скали, клупи и маси за седење. За оваа патека ви се потребни 2 часа во правец и 1,5 час за назад. Патеката е кружна и наша силна препорака е да не ја користите истата за враќање поради вашата безбедност.
Локација
Патеката започнува од село Камењане. Од Скопје до Камењане ве делат приближно 50 км. добар асфалтиран пат преку Тетово. Кога ќе пристигнете средсело, веднаш на крстосницата се наоѓа Burektore Sac – или бурек под вршник. Бурекот навистина се подготвува на традиционален начин под вршник на дел од надворешната тераса каде има и неколку маси за седење. Возилото може да го паркирате на околу 500 метри од иститата крстосница во насока кон Шар Планина и од тука започнува земјен пат со маркации.
Воденицата на дедо Љутфи
На приближно 1 км. од стартот на патеката од левата страна е лоцирана старата воденица каде ќе ве дочека дедо Љутфи – на наше и ваше задоволство воденицата работи под полна пареа и дедо Љутфи исцрпно ќе ви објасни како изгледа целиот воденичарски занает кој го наследил од своите прадедовци. Неверојатно искуство особено за деца. Постои можност да купите од брашното – пченкарно, р’жано..
Водопадите
За кратко завршува земјениот трасиран пат и започнува планинарска патека наместа со дрвени скали и дрвени мостови покрај Камењанска река. Патеката на одредени секции е прилично стрмна но тука се дрвените скалила кои во голема мерка го олеснуваат движењето низ овој прекрасен кањон. Долж патеката се редат водопадите јасно обележани со бројки низ густа шума каде сонцето ретко допира. Патеката во најголем дел е во сенка поради густата шума но и поради конфигурацијата на кањонот. Покрај повеќето водопади постојат дрвени маси и столчиња – места за средување на впечатоците и уживање. За враќање постојат две опции: да се вратите по истата патека или подобрата опција е кружна, односно приклучување и враќање по асфалтираниот пат за с. Јеловјане.
Подарок
Стартот на планинарската патека е јасно обележан со знамиња од повеќе држави. На почетокот на самата патека од левата страна под еден камен, јасно обележан, е скриен подарокот.
Дополнителни патеки
Кликнете на следниот ЛИНК за да ги прегледате сите објавени патеки на Шар Планина. Внимателно: голем дел од патеките претставуваат сериозни високогорски потфати за кои ве треба соодветна подготвеност, опрема и организација.
Временска прогноза
И овој викенд (14-15.10.2023), времето ќе биде сончево и идеално за овој период од годината.
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина: