• Должина во правец: 16 км
  • Тежина: 9/10
  • Време на искачување: 6 часа
  • Искачување со деца: 7 часа
  • Висинска разлика: 1.300 м
  • Почетна точка:

    с. Железнец

Помош за навигација: повеќе во Совети
Карта со сите патеки

Железнец – село во Општина Демир Хисар, во областа Железник, во околината на градот Демир Хисар. Селото е познато по изворите на Црна Река, а воедно од 2004 година претставува заштитен споменик на културата, поради препознатливата архитектура присутна во селото.

Селото Железнец се наоѓа во северозападниот дел на Општина Демир Хисар, сместено во непосредна близина на изворот на Црна Река. Атарот зафаќа простор од 12,8 км2. Селото е сместено на 720 метри надморска височина. Во атарот на самото село се наоѓаат изворите на Црна Река. Најголемиот извор е врелото Црна Дупка што се наоѓа над селото Железнец, додека во месноста Горно Маало има уште два извори, иако со помала издашност, никогаш не пресушиле.

Наоѓалиштето Железник е сместено високо над селото. Потекнува од античкиот период, а во историските извори се јавува под три имиња: Градиште, Сидеро Кастрон и Железник. Во римскиот период овој град бил забележан како Сидеро Кастрон, а во средновековието како Железник, под кои име постоел сè до XIV век, кога бил „избришан“ од географската карта. Во XIX век, Железнец било село во Битолската каза, нахија Демир Хисар, на Отоманското Царство. Денешните остатоци од градот го исцртуваат главниот дел, во елипсоидна форма, со димензии север-југ околу 300 м. и исток-запад 55-70 м. Градот бил природно заштитен од јужниот и југозападниот дел со стрмните падини високи над 8 м. Бедемот од источната страна сè уште може да се следи во целина. Влезната капија сè уште се забележува. На север, каде се соединуваат источниот и западниот бедем се наоѓаат остатоци од заштитната кула. На тврдината се забележуваат и остатоци од црква, бунар и камена рачна мелница.

Археолошки наоѓалишта:
Во Гарон — населба и топилница од доцноантичкото време;
Градиште — населба од раноантичко време, опидум од доцноантичко време и средновековна тврдина;
Даркојца — населба од доцноантичко време;
Спилје — населба од доцноантичко време.

Цркви:
Црква „Св. Богородица“ — главна селска црква.

Реки:
Црна Река — изворите на Црна Река се наоѓаат во самото село

Споменици:
Споменик од НОБ за загинатите селани

Вечерта на 1 август 1903 г., во бабинските ливади на месноста „Рамни Ливади” се развеало македонското знаме кое било наполно црвено, со натпис „Слобода или смрт“. Во бабинските ливади четите положиле заклетва „Смрт или слобода” и тргнале во напад на село Прибилци. На чело со востаничките чети биле: Јордан Пиперката и Никола Дечев – војводи. Селото било дел од Крушевската република, која траела само 13 дена. Четата минувала од с. Големо Илино преку с. Железнец кон с. Прибилци. Врвејќи низ с. Железнец од чардакот на една куќа се слушнал женски глас: Ѓурѓо брзо излези на пенџере да видиш колку комити врват.. Настанот го збележал и опеал Деспот Дојчиновски познат како „Деспот со Тамбурата“.

Ја излези Ѓурѓо, jа излези сестро
Ја излези Ѓурѓо на пенџере
А-a-a-j, jа излези Ѓурѓо на пенџере

Да ги видиш Ѓурѓо, да ги видиш сестро
Да ги видиш Ѓурѓо комитите
А-a-a-j, да ги видиш Ѓурѓо комитите

Како одат Ѓурѓо, како одат сестро
Како одат Ѓурѓо ред по редум
А-a-a-a-j, ред по редум Ѓурѓо, девет реда
Напред оди Ѓурѓо, напред оди сестро
Напред оди Ѓурѓо бајрактарот
А-a-a-a-j, бајрактарот Ѓурѓо, Јордан Пиперка

Право одат Ѓурѓо, право одат сестро
Право одат Ѓурѓо за Прибилци
А-a-a-a-j, за Прибилци Ѓурѓо кај мудурот
Да ја платат Ѓурѓо, да ја платат сестро
Да ја платат Ѓурго вересијата
А-a-a-a-j, вересијата Ѓурѓо три годишна

Извор: Wikipedia

Тура

(во подготовка)

с. Железнец – с. Големо Илино – Илински Манастир (16 км)
с. Железнец – с. Мало Илино – Илински Манастир (11,5 км)
Илински Манастир – врв Лиска (4,5 км)

  • наведените опции се вклучени во GPS линкот