с. Старо Село – ПД Љуботен
ПД Љуботен – врв Љуботен
Љуботен, магичен и секогаш пред нас. Тоа е првиот и најмаркантен врв на Шар Планина од северна страна и секогаш вреден за посета. Иако не е највисок врв на Шара, поради своите црти и поради издвоеноста од другите, тој е највпечатлива шарпланинска точка и еден од најубавите врвови на Шара. Поради својот облик на пирамида, и поради својата забележливост од сите страни и од поголеми далечини, за Љуботен се искористени многу епитети.
И секако тука е планинарскиот дом Љуботен – најстариот планинарски дом во Македонија, изграден далечната 1931 година, и сега тазе реновиран и подновен – комбинација на која едноставно не можевме да одолееме, биравме викенд кога ќе ја оствариме оваа тура.
Сепак Љуботен и општо Шар Планина се познати помеѓу планинарите по својата непредвидливост, силните ветрови и молскавична промена на временските услови. Внимателно ја следевме временската прогноза со цел да одбереме ден за искачување со умерени временски прилики за да направиме и добри фотки. На изминатото зимско искачување на Љуботен, каде видливоста беше 2 метри, силен ветер, снежна виулица и температура од -15, фоткањето не беше опција. Со малку среќа, го погодивме вистинскиот ден.
Тура
Турата започнува од Старо Село (40 км од Скопје по добро асфалтиран пат). Тука имаме две опции:
- Старо Село – ПД Љуботен – 6,5 км планинарска патека (трасиран земјен пат) за која ни се потребни околу 2,5 часа, и потоа следуваат уште приближно 4 км до врвот (+ 3 часа) но со значителна висинска разлика. Наша препорака: доколку ве придружуваат деца, оваа патека најдобро е да ја поделите во 2 дена со ноќевање во планинарскиот дом.
- Старо Село – ПД Љуботен со теренско возило (4×4), освежување во домот и искачување на врвот Љуботен во еден ден. Внимателно: трасираниот земјен пат е во прилично лоша состојба и предизвик за повеќето теренски возила.
Ние се одлучивме да се искачиме до планинарскиот дом со теренско возило, да ноќеваме во домот, и следниот ден да го искачиме Љуботен – вистинска авантура. Патеката од домот кон врвот започнува веднаш зад домот и поседува солидна маркација – не ви се потребни уреди за навигација бидејќи маркациите се чести и лесно забележливи. Шумата завршува заклучно со планинарскиот дом и се движиме по планинарска патека до самиот срт од каде започнува зимска маркација. Големи делови од патеката водат низ карпеста и каменита подлога – внимателно со деца поради пролизгување. На 2 км пред врвот се движиме по самиот срт каде патеката се стеснува додека од двете страни се протегаат високи бездни: препорачуваме многу внимателно движење со деца. Ги трошиме последните сили и пристигнуваме на врвот – магична панорама на Скопје, Водно, Јакупица, Шара. На самиот врв нема многу простор, и не препорачуваме да се задржувате бидејќи е омилена планинарска дестинација и не собира повеќе од 20-тина посетители.
Доколку сте мераклии на зимско искачување, наша препорака: единствено со организирана планинарска тура и сертифициран водич. Љуботен е прилично непредвидлив врв, а безбедноста е секогаш на прво место.
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина:
- врв Љуботен (од страна на Косово) – 9,5 KM
- Планинарски дом Љуботен – Козја Стена – 3 КМ
- Планинарски дом Љуботен – врв Ливадица – врв Пирибег (Ливадичко езеро) – 12 КМ