Оваа тура ја препорачување за сите почетници, деца, семејства. Висинската разлика која ја совладувате е незначителна, но должината е сепак 8 км во правец. 90% од патеката е во сенка и е лесно совладлива и во летниот период.
Идејата да го посетиме водопадот на Длабочица дојде сосема спонтано. И покрај тоа што во зимскиот период го посетивме Кокино и врвот Перен, обилниот снег не дозволуваше да се движиме понатаму, и затоа решивме дека посетата на водопадот Длабочица ќе ја одложиме за летниот период – и тука сме.
Кога истражувавме за оваа патека, наидовме на прилично оскудни информации. И покрај тоа што повеќе планинарски друштва ја споменуваат во своите извештаи, прилично тешко беше да се дојде до насоки или GPS запис. Иако не сме планинарско друштво – моментот да ги зачуваме информациите за себе ни е едноставно неразбирлив. Нејсе – оние кои ќе се пронајдат во текстот: да сте живи и здрави и се гледаме во височините.
Тура: Поаѓаме веднаш под падините на врвот Перен. Точната локација каде може да го паркирате вашето возило десно на картата (Zoom In / Zoom Out). Патот кој води до локацијата на поаѓање е во прилично добра состојба – наместа оштетен, но на одредени секции целосно нов асфалт. За приближно 15 минути се качуваме на врвот Перен (највисок врв на планината Козјак – Козјачија), и се спуштаме од другата страна на врвот каде покрај неколку куќи започнува земјен трасиран пат за водопадот Длабочица. Се движиме низ прекрасна шума и осамени, вкупно 4 км. до планинарскиот дом Длабочица и се спуштаме од 1200 м. на 900 м. Вистинско уживање и лесна прошетка низ шумата. И покрај тоа што очекувавме барем некој авантурист на патеката, низ целата тура немавме контакт со луѓе. Пристигнуваме на крстосницата каде патот се двои за водопадот Длабочица и планинарскиот дом Длабочица. Одлучуваме да го посетиме домот и тука ја правиме првата пауза: седнуваме на уредно покриен дел со маси и столчиња – но домот е празен. Откако задоволни ги празниме резервите со храна се одлучуваме на авантуристички потфат (иако тоа не ви го препорачуваме) – продолжуваме од домот во спротивна насока со цел да скратиме од патеката. Благодарение на GPS уредот, минуваме низ шума, ја поминуваме реката и успешно излегуваме на трасираниот земјен пат кон водопадот. Уште 1 км не дели од водопадот на Длабочица. Магично место – вредно за посета.
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина:
(наскоро)