• Должина во правец: 6 км
  • Тежина: 6/10
  • Време на искачување: 2,5 часа
  • Искачување со деца: 3 часа
  • Висинска разлика: 550 м
  • Почетна точка:

    Планинарски дом Смрека – Попова Шапка

Помош за навигација: повеќе во Совети
Карта со сите патеки

Јелачки Црн Врв – планински врв во месноста Јелак на Шар Планина, во северозападниот дел на Република Македонија. Неговата височина е 1.890 метри. Јелачки Црн Врв се наоѓа на север од Попова Шапка во близина на поранешниот планинарски дом Јелак. Патеката е со должина од 5 км и се одвива од Планинарскиот дом „Смрека“ преку бандерите до сртот од 2000 мнв кои водат до разрушениот планинарски дом Јелак се до Јелачки Црн Врв. Патеката е лесна и се движи во живописен предел од пасишта и иглолисен шумски појас се до врвот кој е поставен на карактеристичен гребен. Искачувањето пред врвот е специфично се одвива по сртот на гребенот, едната страна на врвот е карпа додека другата е со стрмни пасишта, во овој дел е потребно внимателно движење. Од врвот се отвора прекрасен поглед кон средишниот дел од Шар планина. Патеката е добро маркирана и прегледна.

Извор: Wikipedia

Тура

Временските услови, особено на планина, се во голема мерка непредвидливи. И покрај тоа што уредно планиравме и биравме сончев дена за оваа тура, кога пристигнавме на Попова Шапка, не дочека магла, температури помеѓу 0 и -1, и повремени врнежи – сосема спротивно на прогнозата која ја очекувавме, како и од сонцето кое преовладуваше на повеќето планински врвови тој ден – но тоа е Шара во своето вистинско издание, магична и непредвидлива.

Неповолните услови во ниту еден момент не не поколебаа во нашата цел – Јелачки Црн Врв. И покрај тоа што оваа тура ретко се наоѓа во агендата на нашите планинарски друштва, природата, зимзелените шуми и атрактивноста на врвот, иако не толку висок, се достојни причини да се одлучиме за истата.

Како и повеќето тури кои започнуваат на Попова Шапка, патеката започнува од ПД Смрека. Овој пат ќе треба да внимавате на вашиот ГПС уред бидејќи првата половина од патеката не е маркирана – без ГПС уред и видливост од 2-3 метри, движењето е практично невозможно. Од ПД Смрека по изминати 500 – 800 метри се приклучуваме на земјен трасиран пат – истиот пат понатаму се дели кон Лешница. Се движиме 3 км. по релативно лесна патека до планинарскиот дом Јелак кој некогаш беше еден од најпосетените домови на Шара – чија состојба денеска е повеќе од нејасна. Продолжуваме по земјениот трасиран пат и полека навлегуваме во прекрасна зимзелена шума – вода извира на секој чекор. По вкупно изминати 4 км. пристигнуваме до локацијата Видиковец со уредени дрвени маси и клупи и неколку информативни патокази – за жал сите неточни (ова наше парче државичка истовремено магично и таинствено). Се одвојуваме од земјениот трасиран пат, кој продолжува до село Бродец, и тука започнува планинарска патека. Веднаш поред патеката постои место за хранење на дивеч и ловечка „сачекуша“, или дрвена куќичка која ловците ја употребуваат за лов на дивеч. Од оваа точка започнува прекрасна планинарска патека во должина од 2 км. со значително зголемена нагорнина. На почеток се движиме низ прекрасна зимзелена шума и некаде при крај по самиот срт го освојуваме Јелачки Црн Врв.

Внимателно: Последниот 1 км., патеката поминува по самиот срт пред врвот со опасни бездни од двете страни на движење. Искачувањето бара посебна внимателност доколку се искачувате со деца.

И за крај, поздрав до планинарите од ПД Смрека, со надеж дека на некој од следните викенди ќе бидеме во можност барем да се напиеме по едно топло чајче – овој пат вратата од ПД Смрека остана затворена!