Горноврачанското езеро – ледничко езеро и едно од 27-те на Шар Планина.
Се наоѓа на превојот помеѓу врвовите Голема и Мала Враца, веднаш на самото подножје под стрмната северна падина на Мала Враца. Ова езеро било безимено, но Душко Кривокапиќ го нарекол горно, бидејќи се наоѓа на поголема надморска висина од долното. Се наоѓа на 2,182 m надморска висина. Езерото лежи во длабодолинка на североисточната страна на Белокаменскиот гребен. Басенот му е тркалест и карпест, со пречник од 40 метри. И покрај тоа што не е големо езерото има длабочина од околу 2 метри. Поточно, Горното Врачанско Езеро зафаќа површина од 1256 м2 со должина и широчина од 40 метри, 126 метри должина на брегот и најголема длабочина од 2,10 метри. Се одликува со голема бистрина на водата, која поради карпестата околина на езерото погледнато од повисоко на изглед често му дава сребрено сива боја, поради што за туристичко-промотивни цели тоа може да се именува и како Сребрено Езеро. Неговото дно на северниот тревнат брег е тињесто, додека на западниот карпест брег дното е каменесто, подлабоко и со побистра вода. Длабочината нагло се зголемува под високите карпи над западниот брег. Веднаш под самото езеро постои помало езерце со камено дно кое што е непосредно поврзано со директна истека на водата. Самото езеро е воедно и извор од кој истекува шарскиот поток наречен Тиха Вода кој протеку во долот помеѓу гребените на врвовите Голема и Мала Враца, го исполнува Долното Врачанско Езеро и како лева изворишна челенка се влева во реката Маздрача. Веднаш над самиот западен брег на езерото, на помалку од педесетина метри минува линијата на државната граница.
Долноврачанското езеро е ледничко езеро и едно од 27-те на Шар Планина.
Заедно со Горноврачанското езеро ги сочинуваат Врачанските езера. И ова езеро како горното било безимено, но Душко Кривокапиќ го нарекол долно, бидејќи се наоѓа на пониска надморска висина. Се наоѓа на 2,170 m надморска висина. Езерото лежи во длабодолинка, односно мал но длабок цирк, на североисточната страна на Белокаменскиот гребен, непосредно под самиот врв Мала Враца. Басенот му е тркалест со изразито карпесто-каменесто дно, со пречник од 25 метри и со длабочина од нешто повеќе од еден метар. Според податоците на македонскиот географ Александар Стојмилов, Долното Врачанско Езеро зафаќа површина од 625 м2 со должина и широчина од 25 метри, 75 метри должина на брегот и најголема длабочина од 0,50 метри. Всушност точната длабочина на Долното Врачанско Езеро изнесува нешто повеќе од 2,50 метри и претставува едно од подлабоките езера на Шар Планина. Исклучително големата длабочина се должи на длабочината на циркот во кој е насобрана водата која дотекува и истекува од потокот Тиха Вода. Непосредно веднаш на запад постои уште еден длабок цирк (вдлабнатина) која што е сува бидејќи во неа не дотекува вода. Податоците во научната литература, се однесуваат всушност на блиската и соседна локва оддалечена на 50 метри, која е погрешно идентификувана како Долно Врачанско Езеро, а самото ова езеро е исто така погрешно именувано како Горно. Се одликува со многу бистра и извонредно студена вода која што поради исклучиво тревнатите брегови и непосредна околина, како и каменото дно и самата длабочина на езерото му дава многу убава и привлечна темнозелена и синкава боја, поради туристичко-промотивни цели тоа може да се именува и како Смарагдно Езеро. Водата ја добива преку влевање на мал слап (водопад) од истекот од горното езеро и се одлива исто така преку истек кој како поток под името Тиха Вода тече во долот помеѓу врвовите Голема и Мала Враца и како лева изворишна челенка се влева во реката Маздрача. Дотекувањето и истекувањето на водата, големата длабочина и близината на силните извори прават езерото да има исклучително студена вода. Блиску под езерото се наоѓа бачило, чиј добиток често се напојува од езерските води.
Извор: Wikipedia
Тура
(во подготовка)
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина:
Маздрача – Смарагдно Езеро (4,7 км)
Смарагдно Езеро – Сребрено Езеро (1,3 км)
Сребрено Езеро – врв Мала Враца (1 км)
Сребрено Езеро – врв Голема Враца (1,5 км)
- наведените опции се вклучени во GPS линкот