• Должина во правец: 4,5 км
  • Тежина: 6/10
  • Време на искачување: 2 часа
  • Искачување со деца: 2,5 часа
  • Висинска разлика: 440 м
  • Почетна точка:

    с. Камењане

Помош за навигација: повеќе во Совети
Карта со сите патеки

Камењане – село во Општина Боговиње, во областа Долни Полог, во околината на градот Тетово. Камењане е големо село сместено во рамнината на котлината Полог од десната страна на автопатот Тетово – Гостивар. Сместено е во еден дол на самото подножје на Шар Планина, а поројната река Камењанска го дели на два дела. Оддалечено е 7 километри јужно од градот Тетово. Атарот е мал и зафаќа простор од 5,9 км2. Населбата е рамничарска и се наоѓа на надморска височина од 500 метри. Камењанска Река се наоѓа на Шар Планина, југозападно од Тетово, поминува низ селото Камењане и се раводнува низ полето, а при висок водостој се влева во Вардар. Осумте водопади на Камењанска Река се различни според височината и широчината, според многу посетители, последниот водопад е најатрактивен, но највисокиот водопад е седмиот, кој изнесува околу 12,5 m. Никој не останува рамнодушен пред убавините на Камењанските Водопади, па со право можеме да ги вброиме како едни од најубавите на Шар Планина.

Извор: Wikipedia

Тура

Оваа тура ја откривме сосема случајно на нет, и одлучивме да ја посетиме со оглед на фактот дека во статијата се споменуваа 8 вкупно водопади покрај кои води уредена патека и целата приказна изгледаше навидум неверојатна.

Пристигнуваме наутро во с. Камењане – 50-тина КМ од Скопје. Не се брзаме како секоја друга планинарска тура да станеме рано наутро бидејќи знаеме дека патеката е кратка и имаме доволно време. Добивме и уште еден тип од нашите пријатели кога истражувавме за локацијата дека во с. Камењане се наоѓа надалеку познатата бурекџилница Burektore Sac – или бурек подготвен под вршник, и одлуката падна: прво одиме на бурек а потоа на водопадите.

Се возиме од Тетово по локалниот пат кон с. Камењане – недела наутро осамени низ Тетовските села пристигнуваме во Burektore Sac: се наоѓа во центарот на селото и не може да промашите бидејќи е познато и посетено место. Бурекот навистина се подготвува на традиционален начин под вршник на дел од надворешната тераса каде има и неколку маси за седење. Тука беше Шкљким кој веднаш не послужи и услугата е топ, заедно со бурекот нарачуваме и маштеница за да задоволството биде целосно – се навраќаме векови наназад на македонското традиционално готвење.

Со силни впечатоци од ова кулинарско доживување тргнуваме кон водопадите. Го паркираме возилото на околу 500 м. од бурекџилницата и продолжуваме по земјен трасиран пат кон водопадите. На целата патека постојат патокази но изостанува класично маркирање и затоа препорачуваме внимателно следење на вашиот GPS уред. По изминати 1 км пристигнуваме до старата воденица каде не дочекува дедо Љутви – на наше задоволство воденицата работеше под полна пареа и дедо Љутви исцрпно ни објасни како изгледа целиот воденичарски занает кој го наследил од своите прадедовци. Неверојатно искуство особено за деца.

За кратко завршува земјениот трасиран пат и започнува планинарска патека наместа со дрвени скали и дрвени мостови покрај Камењанска река. Патеката на одредени секции е прилично стрмна но тука се дрвените скалила кои во голема мерка го олеснуваат движењето низ овој прекрасен кањон. И навистина, долж патеката се редат водопадите јасно обележани со бројки низ густа шума каде сонцето ретко допира. Патеката во најголем дел е во сенка поради густата шума но и поради конфигурацијата на кањонот. Покрај повеќето водопади постојат дрвени маси и столчиња – места за средување на впечатоците и уживање. За нас, највпечатлив и најубав водопад е претпоследниот односно водопадот бр. 7 кој воедно е и највисок од сите 8. Патеката е долга 4 км. и за враќање постојат две опции: да се вратите по истата патека или подобрата опција е кружна, односно приклучување и враќање по асфалтираниот пат за с. Јеловјане.

Оваа тура ставете ја високо на вашата бакет листа – едно од магичните места во Македонија кое мора да се посети. Патеката е прилично лесна и совладлива за сите возрасти. Наместа е прилично стрмна но обезбедена со дрвени скали, мостови и дрвени огради. Секоја чест на мештаните кои редовно се грижат и ја одржуваат.