• Должина во правец: 8 км
  • Тежина: 8/10
  • Време на искачување: 3,5 часа
  • Искачување со деца: 4 часа
  • Висинска разлика: 700 м
  • Почетна точка:

    ПД Смрека – Попова Шапка

Помош за навигација: повеќе во Совети
Карта со сите патеки

Плат – планински врв на Шар Планина, во северозападниот дел на Македонија. Тој е составен дел на Шар Планина и неговата височина е 2.398 метри.

Врвот Плат е највисоката точка на истоимениот гребен кој се протега во правец североисток – југозапад и стрмно се издигнува над долините на реката Пена на север, Церипашина или Чаркова на исток и Лешничка на југ. На источната и западната падина по доловите на Пена и Церипашина (Чаркова) Река е обраснат со густа зимзелена елова и борова шума, наместа помешана со листопадна гора од буки и дабови, а над најистакнатата северна кота од 1.812 па сѐ до највисоката точка од 2.389 на југ е целосно соголен и обраснат со бујна трева со изобилство од боровинки, помали карпи и камења. До врвот Плат се стигнува по две обележани патеки кои започнуваат од планинарскиот дом „Смрека“ на Попова Шапка. Едната која е многу полесна започнува од кај бандерите на пределот Јелак и излегува на широкиот, земјен колски пат за Лешница, каде што во месноста каде се наоѓаат бачилата и почетокот на патеката Вргањ сѐ доаѓа до подножјето на самиот гребен каде што има патоказна табла од која за 1,5 час се стигнува до врвот. Другата подолга и потешка патека, води преку густата зимзелена гора и прашумските остатоци до Јелачки Црн Врв, под пределот Брезов Камен по карпест и каменест терен низ букова шума во долот на реката Церипашина (Чарк) од каде избива под сртот, по кого се искачува до самиот врв. Првата патека има вкупно времетраење од 3,5 – 4 часа, а втората 6 – 6,5 часа. Врвот Плат меѓу планинарите, туристите и посетителите на Шар Планина е познат како најубавата точка за сликање поради прекрасните глетки на стрмната долина Лешница, целата долина на Пена, врвовите Среден Камен, Шар или Титов Врв, Казаниште, Караниколица и пределите Церипашина планина и Брезов Камен. Истовремено, стрмните падини под сртот од странски скијачи се оценети како најдоброто место за екстремно скијање.

Извор: Wikipedia

Тура

Турата започнува од ПД Смрека, од каде и започнуваат повеќето тури на Попова Шапка. Но ние одлучивме да скратиме малце од патеката и да се повозиме малце со нашето џипче. Пред да пристигнеме на Попова Шапка, вртиме десно кон викенд населбата од каде води земјен пат до поранешниот дом Јелак и до Долна Лешница. По неколку извозени километри голем снежен нанос целосно го блокираше нашето 4×4 уживање – Успеавме да се искачиме единствено до крстосницата каде патот се дели за Јелак и Долна Лешница. Го паркираме џипчето и продолжуваме понатаму по земјениот пат кој води до Долна Лешница.

Се движиме во срцето на шар Планина по една од најживописните патеки односно широк трасиран земјен пат кој води до Долна Лешница. Патот е идеален и за MTB велосипедски тури, но за тоа во некоја друга прилика. Доколку оваа тура ја започнете од ПД Смрека, на почетокот ве чека искачување во должина од 1 км. и совладување висинска разлика од 200 м.. Следните 4 км., патеката е практично без угорнини и се движиме на приближно 2.000 метри надморска височина со прекрасни живописни погледи кон север на врвовите  Кобилица, Трескавец, Вртоп. Уживаме во природата и го одминуваме Јелачки Црн Врв кој се наоѓа под нас кон север. По изминати идилични 4 км. пристигнуваме до бачилото каде земјениот трасиран пат продолжува кон Долна Лешница и тука започнува планинарска патека кон Плат (врв Среден Камен, Титов Врв). Се одвојуваме од патот и продолжуваме по планинарската патека низ седлото на врвот Плат. Пред нас се отвораат неверојатни сцени и погледи кон Титов Врв, Среден Камен, Карабунар, Бакардан. По изминати 2 км., пристигнуваме до месноста наречена Горна Лешница – крстосница од каде се можни следните насоки:

  • Долна Лешница
  • Титов Врв
  • Среден Камен
  • Плат

Се упатуваме кон север и врвот Плат, каде угорнината значително се зголемува и по 1,5 км напорно искачување пристигнуваме на врвот. На врвот се наоѓа прилично тесна карпеста формација со провалии – внимателно со деца. Неверојатен поглед на срцето на Шар Планина и сите околни врвови.

  • наведените опции се вклучени во GPS линкот