• Должина во правец: 6 км
  • Тежина: 7/10
  • Време на искачување: 3 часа
  • Искачување со деца: 3,5 часа
  • Висинска разлика: 700 м
  • Почетна точка:

    с. Горна Матка – Св. Спас

    • с. Глумово – с. Горна Матка – Св. Спас (4 км) – 4×4 Offroad SUV
    • с. Горна Матка – Св. Спас – врв Раса (6 км)

Помош за навигација: повеќе во Совети
Карта со сите патеки

Свети Спас – православен христијански храм којшто се наоѓа во кањонот Матка, високо над левиот брег на реката Треска во непосредна близина на селото Горна Матка. Црквата се наоѓа на зарамнето планинско плато точно над браната и хидроцентралата Матка, во месноста Петров Камен под Марков Град, на 1 час пешачење од манастирот Успение на Пресвета Богородица и во непосредна близина под разрушената средновековна црква Света Недела. До црквата води и широк земјен пат од селото Горна Матка.

По долги години на запуштеност и неактивност од неодамна во црквата повторно почнале да се одржуваат општонародни прослави на нејзиниот патронен празник Спасовден (Воведение Христово), на почетокот на летото, на кои присуствуваат стотици верници од Скопје и околните села Шишево, Сарај, Горна и Долна Матка. На 19 септември 2010 година, во пресрет на верскиот празник Рождество на Пресвета Богородица, меѓу народот познат како Мала Богородица, беа свечено поставени и осветени темелите за изградба на нова ѕидана камбанарија висока 9 метри.

Во непосредна близина на црквата Свети Спас, непосредно јужно и југозападно во дворот на црквата стојат остатоците од темелите на 2 ранохристијански цркви Света Троица и Свети Ѓорѓија, кои се обележани со икони од овие светци. Свети Тројца или Св.Архангел Михаил е јужната градба. Tоа е црква од 12-13 век, времето на византиските владеења. На овој простор се наоѓаат расфрлани или вградени во црквите повеќе камени архитектонски делови кои, според своите карактеристики, потекнуваат од раноримскиот и доцноантичкиот период. Тие припаѓале на две култни градби: храм и базилика. Остатоците од црквата Света Троица (Св. Архангел Михаил) се позабележителни и во нив и во денешно време во олтарниот дел стојат крст, икони и кандило за свеќи, додека низ целата површина на храмот стојат повеќе од остатоци од столбови карактеристични за римското време.

Извор: Wikipedia

Тура

Турата за започнуваме од Црквата Св. Спас лоцирана веднаш над Горна Матка. До црквата пристигнуваме преку с. Глумово од каде во правец на Кањонот Матка се двоиме десно кон Горна Матка и по земјен трасиран пат во должина од 2 КМ (4×4 теренско возило) пристигнуваме точно пред црковните порти. Кругот на црквата е уреден со дрвени клупи и маси за седење – идеално место за пикник и уживање. Доколку немате теренско возило, постојат дополнителни две патеки од Долна Матка: од Св. Андреја или од Св. Богородица.

Од црквата започнува планинарска патека која води кон врвот Раса и кон Св. Недела. Се движиме по прекрасна планинарска патека во должина од 2 КМ која поминува низ густа дабова / букова шума. Патеката е јасно означена со маркации меѓутоа истата поголемиот дел од денот е во осој. По 2 КМ пристигнуваме до влезот на заштитениот шумски резерват ЈАСЕН од каде завршува шумата и започнува стрмно искачување на сртот на Осој планина. Овој дел од патеката во должина од 3,5 КМ е прилично технички дел и бара сериозна физичка подготвеност и внимателност бидејќи качувањето се одвива по карпеста подлога додека пак во зимскиот период 1/3 од секцијата е подмрзната бидејќи се наоѓа во осој. На повеќе точки од оваа секција препорачуваме особена внимателност поради стеснување на патеката и провалии од двете страни. Но и покрај сите потешкотии, движењето по сртот на Осој планина претставува посебно задоволство поради неверојатните погледи кон Шара и Јакупица.

с. Долна Матка – с. Горна Матка – Св. Спас (3 км)
врв Раса – врв Суогоре (2,5 км)
врв Суогоре – врв Крстец Тепе (5 км)

  • наведените опции се вклучени во GPS линкот