Гари – мијачко село во Општина Дебар, во околината на градот Дебар. Селото е сместено на падините на планината Стогово, под шумата наречена Канеш. Низ самото село поминува Гарска Река, која претставува заштитен споменик на природата.
Селото е особено познато по иконостасот и резбата во црквата „Успение на Пресвета Богородица“, кои биле изработени од тајфата на далеку познатиот мајстор Петре Филиповски – Гарката.
Гари е дел од областа Мала Река, сместено длабоко во пазувите на планината Стогово, на надморска височина од околу 1100 метри. Селото се наоѓа во една тесна долина, која произлегува од едно ледничко езерце на Стогово.
При продорот на словенските племиња на Балканот, меѓу повоинствените се наоѓаат Мијаците. Неколку легенди говорат дека тие како похрабри го населиле најтешко проодниот предел од Македонија по Радика, во пазувите на планините Стогово, Бистра, Јама па сè до Малесија и Лума (Албанија). Според Тома Смилјаниќ, Мијаците се викаат така зошто секогаш биле чисти и измиени. Друго предание говори дека Мијаците го добиле името бидејќи личната заменка „ние“, ја изговараат „мие“. Смилјаниќ смета дека ова толкување е најточно. Според Новаковиќ, (Законски споменици), Гари се споменува во XIV век. Според едно предание се смета дека некогаш Гари се наоѓало во месноста Присој, некаде околу XIV век.
Според истиот автор се наведува дека Гари било населено од страна на Мијаците во 1760 година, а претходно таа месност била пуста. Според легендата се вели дека во текот на XV век на падините на планината Стогово, во месноста наречена Дрениче постоела црква посветена на Свети Спас, од која неколкупати ја снемувало иконата посветена на светецот. Иконата одлетувала до денешното село Гари, а селаните подоцна ја враќале назад, но настанот се повторувал. Затоа, селаните одлучиле да подигнат нова црква и село на местото каде паѓала иконата.
Георги Трајчев во својата „Книга за Мијаците“ го опишал Гари „како село со повеќе од 180 куќи, повеќето со два или три ката, кои со својата масивна камена структура, изложени на југ и амфитеатрално симетрично распоредени, му даваат еден прекрасен пејзаж“. Според податоците од 1873 година, селото имало 100 домаќинства со 278 жители христијани (Македонци). Според податоците на Васил К’нчов од 1900 година, селото имало 1000 жители христијани (Македонци).
Гарска Река – река која потекнува од селото Гари, по кое и го добила своето име. Реката се наоѓа во малореканскиот крај, западна Македонија. Реката заедно со Тресонечка Река ја создава Мала Река, збирно име за сите реки од подрачјето на планините Бистра и Стогово, која подоцна се влева во реката Радика (Голема Река). Главни притоки на Гарска Река се реките Валовница, Лазарополска и Ѕвончица, кои ги собираат водите на планината Стогово. Реката била прогласена за ботанички резерват со решение број 03-167-2/60 издадено од Националниот институт за заштита на спомениците на културата. Со ова решение биле прогласени насадите на див костен долж течението на Гарска Река за ботанички резерват. Реката отсекогаш изобилува со воден потенцијал, кој бил искористуван на различни начини, тргнувајќи од големиот број на воденици и валавница на самата река изградени во селото Гари. Во поново време била изградена и хидроцентрала, која била замислена како проточна, но сепак, никогаш не била ставена во функција.
Извор: Wikipedia
Тура
Од Гари започнуваат повеќе сериозни планинарски патеки до врвовите Голем Рид (Бијак Дорок) 2273, Бабин Срт 2241, Стогово 2218, Канеш 2216, Крастица 2014, но овој пат се одлучивме на лабаво истражување на селото и неговите природни убавини.
Пристигнуваме за време на викенд и се сместуваме кај нашите добри пријатели – наследници на славните Пауновци од Гари. Прва станица – ресторант Топила. Иако на поаѓање од Скопје температурата изнесуваше нешто ситно над 40 степени, во Топила, температурата изнесуваше под 20 степени бидејќи ресторанот е позициониран веднаш до Гарска река – до сега најладната река која сме ја посетиле во Македонија.
Со цел подобро да го запознаеме Гари, бираме кружна тура околу селото – идеална и погодна за сите возрасти. Поаѓаме од ресторанот Топила и се движиме кон малиот водопад на Гарска Река и за кратко пристигнуваме до карпата Висок Камен – идеална за спортско качување и болдеринг, но чека на подобри времиња со цел да биде оспособена за таков вид на спорт. Се движиме уште кратко по течението на Гарска река, и потоа скршнуваме кон запад и се упатуваме кон познатиот видиковец каде Гари се гледа како на дланка. Јужно од нас надвиснува карпестиот масив Кршисер и локалитетот Само Дрво. По кратко уживање и движење низ шума пристигнуваме до патот кој води за Извор (сеуште во тампон и средување). Тука завршува нашата кратка авантура и се враќаме кон Гари. Ова место ставете го високо на вашата бакет листа, независно дали ќе уживате во истражување на селото, македонските специјалитети во Топила или ќе посетите некој од повисоките врвови на Стогово.
Четворица кумити
Четворица кумити
низ Кршисер врвеја.
Низ Кршисер врвеја,
право Гари влегоја.
Првиот беше, врвеше,
Стојанчо Паун кумита.
Други ми беше, врвеше,
Стефанов Мицо кумита.
Трети ми беше, врвеше,
Алексо Кирко кумита.
Четврти беше, врвеше,
Пејданчо Блажо, кумита.
Чукат, чукат на врата:
– Отвори млада невесто.
Отвори млада невесто,
невесто млада Стојанице.
Она си слезе од чардак
и си вратата отвори.
– Добро вечер, невесто!
– Дал бог добро, кумити!
Стојан си вели, говори:
– Невесто млада, Стојанице,
качи се горе в’ одаја,
отвори долап мусандра.
Извади шише ракија,
тајфата да ја напијам!
Планинарски патеки во близина:
Велосипедски патеки во близина: